Полтроните на Тито постојано му ја прикажувале ситуацијата во земјата не онаква каква што е туку таква за да можат што подолго да останат во своите фотелји. „А јас не бев таква. Ако нешто не беше како што треба јас морав да го кажам тоа бидејќи се работеше за народот а не за поединци. Морав да ја кажам вистината. Тоа е чесно“.
Во биографијата на Јованка Броз таа пишува дека ја ставиле надвор од законот и дека никој не ја есапел за жива. Јованка во биографијата напишала дека „неврзаните“ биле нејзина идеја. Идејата им ја изнела на Тито и на Нехру кои биле загрижени од растечките разлики меѓу источниот и западниот блок. Таа идеја им се допаднала, вели, и така настанало Движењето на неврзаните.
За Киро Глигоров вели дека бил многу коректен човек и никогаш не се изјаснувал против неа. Но за Лазар Колишевски вели дека било голема протоколарна грешка што бил вклучен во една делегација за посета на Африка и дека на тоа патување и бил многу љубоморен на Јованка поради вниманието што и било укажувано нејзе, а не нему. И дека подоцна ја озборувал за тоа но дека можеби тоа било неточно бидејќи во тоа време имало интриги колку ти душа сака.
Околу Голи Оток: : „Дали Тито знаеше што се случува на Голи Оток? Па зарем не знаеше. Па знаеја сите во раководството. Знаеја сите што го организираа тоа што се случуваше таму. Јас мислам дека половина од луѓето што лежеа таму лежеа без причина. Но што можев јас тука да сторам? Тие од раководството беа задрти до небо и назад. Овој му ја преземал девојката на оној, овој му се замерил нешто на оној. Многу луѓе отидоа на Голи Оток за ништо“. Јованка додава дека Добрица Ќосиќ бил прв што забележал што се прави на Голи Оток и колку луѓето таму страдаат, и алармирал за тоа.
За поранешниот генерал на ЈНА Никола Љубичиќ вели дека да можел жива ќе ја закопал. Тој и Стане Доланц се натпреварувале кој повеќе ќе ја обвини и ќе ја малтретира.
Во врска со Косовово биографијата напишала дека српските раководители се однесувале кукавички. Никој не сакал да види што навистина се случува таму. Тито го забележал проблемот со Косово но му бил вршен силен притисок од Словенија. Словенците беа големи мативоди, вели Јованка. И во тоа и беше проблемот што Тито не го отвори тоа прашање. Таа во биографијата напишала дека Словенците биле главни на Косово, организирале штрајкови, подбуцнувале, и дека тоа и денес го прават. Јованка тврди дека веднаш после војната Александар Ранковиќ донел 300 илјади млади Албанци од Албанија на Косово за тоа да биде некаков ембрион за политиката, но после сето тоа пропадна. „Им дадоа и станови и плати и работа и се’ друго. Тие потоа се размножија и останаа тука“,заклучувајќи дека таа операција си ја направиле самите Срби.
Некогашната прва дама во нејзината биографија напишала дека распадот на Југославија почнал многу порано од Милошевиќевото време. Вели дека растурачот бил Стане Доланц за кого уште пред неговото појавување на политичка функција странските служби му дале документи на Тито дека е против југословенското заедништво. Тито во тој момент го нарекол „некојси таму Доланц сакал да ја разбие не само војската туку и целата држава“. Но јас му го запамтив името: Стане Доланц. Е со тој Стане Доланц подоцна никој не сакаше да се позанимава, вели Јованка. „Многу подоцна кога стана функционер во Словенија јас го потсетив Тито дека токму Доланц е оној ’некојси таму‘. И Доланц тоа никогаш не ми го прости“. Но него вели Јованка не го испратија Словенците да биде функционер во Белград, туку го испратија Германците бидејќи беше нивен шпион.
Јованка напишала дека кога Тито остарел и веќе не го служело здравјето му бил вперуван пиштол во главата за да се разведе од неа. Но Тито не се согласувал на развод по цена и да го убијат. И тогаш го одвоиле од неа. „Го киднапираа и се’ додека не отиде на лечење во Љубљана го шетаа низ Југославија и не знаеја што ќе прават со него каде да го сместат. Го водеа од една до друга резиденција во земјата само да не дојде во контакт со мене“. Таа вели дека главната причина за киднапирањето на Тито била да не се расчисти со случајот Ранковиќ. Тврди дека тоа што се случувало пред смртта на Тито било стравично и дека не се знае кој бил полош дали Хрватите, Словенците или Србите. И дека никогаш нема да се дознае вистината за неговите последни денови.
Јованка напила дека е таа единствениот жив сведок кој сретнал со сите светски државници на 20. век почнувајќи од Никсон, Кенеди, Кралицата Елизабета, Нехру, Ганди, Бандаранаике, Гадафи, Хрушчов, Черчил, Брежњев, Кастро.
Напишала и дека тие што подоцна ја прогонуваа направиле голема грешка бидејќи пропуштиле прилика да се дознаат многу работи од тие средби. Пишала и дека била понижувана и малтретирана на стари години. Дека и велеле дека ништо не направила додека му била жена на Тито. А како што пишала токму таа ги организирала и лично ги надгледувала сите дочеци и приеми на странски државници, секој ручек, вечера и коктел во нивна чест, се трудела протоколот да функционира беспрекорно и се да биде на највисоко ниво.
Јованка во автобиографијата напишала и дека Индира Ганди ја ценела многу и дека доаѓањето на погребот на Тито го условила: „Ако ми дозволите да ја видам Јованка ќе дојдам“. Според биографијата на госпоѓата Броз доколку не била Индира Ганди немало да и дозволеле да присуствува на Титовиот погреб. Индира Ганди била двапати да ја посети Јованка, со внуците, во куќата каде живееше до нејзината смрт.
За либискиот лидер Гадафи пишува: „Гадафи беше многу фин со мене. Го познавав неговото семејство, бев во неговата куќа, бевме многу блиски, жал ми е што на крајот му се случи тоа“.
Кога се појавијаја вести дека Јованка се смрзнува и дека нема греење, Гадафи го испратил својот амбасадор во Белград да ја посети и да види во какви услови живее. „Ми порача дека тој се’ ќе среди, да не се грижам. Рече дека ќе добијам нафта за греење преку нивната амбасада“. Гадафи нудел помош но таа ја одбивала бидејќи сметала дека тоа нема да биде добро за односите меѓу Либија и Србија.
Јованка во биографијата напишала и дека долго време единствен личен документ по распадот на Југославија и бил еден стар извод од матичната книга на родените. Не и дале ни пензија бидејќи како што и рекле Тито не примал плата. Ја протерале во куќа што пропаѓа, која со децении претходно не била одржувана, во која немало греење и во која влезните скали во секој момент можеле да се срушат. И рекле дека е тоа привремено сместување но траело 33 години. „Намерно ми скратија се’, за да ме мачат и понижуваат на еден срамен и бестијален начин“, вели огорчено Јованка.
ПО СМРТТА НА ТИТО
„Словенецот Крајгер ми нареди да се иселам од куќата, а друг Словенец Долничар јуначки ми ја заплени мојата облека како да се работи за воен плен. Таа моја облека што не му требаше на никој друг освен на мене беше држена три години во магацин, после што стана неупотреблива“, пишува во биографијата на Јованка. Еден месец по смртта на Тито Сергеј Крајгер дошол кај Јованка и и’ рекол дека повеќе не може да живее на „Ужичка“ 15 и дека мора да ја напушти затоа што ќе биде претворена во титов музеј, но тоа никогаш не се случило. И било нагласено дека не смее ништо да изнесе од куќата. „Најважно им беше да не присуствувам на пописот на имотот за да можат полесно да украдат се’ што може да се украде. Ме третираа како смрдливо сирење“.
Јованка напишала и била исфрлена на полноќ во пижами без дозвола да понесе било што со себе, како да ја водат на стрелање. Таа тврди дека човек по име Огнен Грковиќ и’ се заканувал дека ќе ја убие ако не потпише дека се откажува од личниот имот на „Ужичка“. Во биографијата наведува и дека барала од Ивица Дачиќ и од нејзиниот адвокат Тома Фила да го уапсат тој човек но тие и рекле дека не можат да го најдат.
Тврдела дека тие што ја опљачкале и што и’ се заканувале со убиство денес се социјалисти заштитени од Дачиќ. Зборувала дека над неа е извршено злосторство кое треба да го расчистат идните генерации. Јованка напишала и дека децата на Тито од претходните бракови подобро се снашле од неа. Синот Мишо во Хрватска ја добил назад куќата во Загреб во која живееле неговата мајка Херта и Тито. Добил и стан и лозјето што го купил Тито во Самобор. Другиот син Жарко во Белград имал државна куќа која подоцна неговиот внук ја продал. Во Кумровец, родното место на Тито, го добил лозјето со малата куќичка а неговите деца добиле државни станови. Само Јованка останала без никој и ништо.
Јованка на крајот напишала и дека била многу сакана жена. Тито неизмерно ја сакал и почитувал. Нивната љубов била обострана и искрена. Иако имале послуга Тито секое утро лично и варел и и носел кафе на Јованка во кревет.