„Министерството за здравство, по опсежните јавни дебати, ќе поднесе предлог закон за употреба на канабисот за медицински цели“, најави министерот за здравство, Никола Тодоров.
Неодамна беше одржана јавна расправа на темата „Примената на индискиот коноп во медицински цели“ на која присуствуваа бројни стручни лица од повеќе области во медицината и фармацијата, како од Македонија, така и од странство, како и поголем број граѓани.
„По изнесување на различни искуства и воочување на бенефитите и ризиците од употребата на канабисот во медицински цели денеска сакам да информирам дека Министерството за здравство, во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства, подготви предлог закон за изменување и дополнување на законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции во насока на легална контролирана употреба на производи од канабис за медицински цели во Република Македонија“, изјави Тодоров.
Сепак, по однос на овој закон ќе следат уште јавни дебати од коишто следната ќе биде во недела, а според предлог законот, канабисот ќе може да се произведува и користи само во Македонија и истиот ќе можат да го произведуваат само правни лица, додека физичко лице не смее да произведува коноп за медицински цели, тоа дело ќе биде казниво по закон.
Предвидено е конопот да се користи за лица коишто имаат ХИВ/СИДА, онколошки заболувања, болки и слично и сето тоа ќе биде само по препорака на доктор.
Проекциите се законот да биде готов за околу два месеца, со тоа што во моментов е сè уште на јавна дебата, потоа треба да биде на владина седница и да биде изгласан во собранието.
Пред извесно време ваков сличен закон донесе Хрватска, каде марихуаната може да се користи за медицински цели, со строго определени правила на препорака и издавање рецепти.