Исламската држава успеала да украде хемиско оружје кое се наоѓало во подземно складиште во Либија, а кое не било добро обезбедено и тој гас веќе е употребен.
Ова го изјавил роднина на убиениот либиски лидер Моамер Гадафи во интервју за Раша тудеј на арапски јазик.
-ИД успеа да пронајде некои од тајните подземни складишта во кои и натаму се наоѓа хемиско оружје, сокриени во пустина. За жал, тие не беа на вистински начин чувани, вели Ахмед Гадафи Ал-Дам.
Тој додал дека украдениот гас е прокриумчарен во северниот дел на земјата и продаден.
-Постојат два познати случаи кога се украдени хемиски агенси. Знам за тоа од свои извори од Триполи. Во првиот случај седум буриња со сарин се украдени, а во вториот мислам дека беа пет, наведува Ал-Дам.
Овие разорни хемикалии веќе се употребени, вели Ал-Дам, кој своевремено беше еден од безбедносните офицери на Гадафи од најголема доверба. Тој потсетил дека за време на неодамнешните судири близу џамија во Триполи, безбедносните сили пронашле возило со голема количина сарин.
-За жал оние кои го донесоа ова возило во град не ја разбрале опасноста од овој агенс и толку ризично е да се донесе истиот во урбано подрачје, па и откако ќе се употреби. Не сакам да ширам паника, но тоа е вистината. Светот тоа многу добро го знае, додава Ал-Дам.
Според голем број извештаи исламистите од ИД веќе користеле хемиско оружје во Ирак и Сирија.