Легендарниот американски пејач, композитор, мултиинструменталист и актер, Роџер Нелсон попознат како Принц почина вчера во својата куќа во Минесота на 57-годишна возраст. Музичарот својот последен концерт го одржа на 14 април во Атланта, по што ја одложи турнејата.
Еден од највлијателните поп-музичари во последните 30 години, е пронајден мртов во својата куќа-студио во Пејсли паркот во Минесота. Последните неколку недели музичарот имал симптоми кои наликувале на грип.
Починатиот американски музичар во лифтот на неговиот дом го пронашле помошниците на шерифот кои биле повикани во неговиот дом во предградието на Минеаполис, Чанхасен, соопштиле американските власти. Шерифот на округот, Карвер Џим Олсон изјавил дека неговите заменици одговориле на повикот околу 9.43 часот наутро по локално време, дека медицинскиот персонал се обидел да го реанимира пејачот, но не успеале да го повратат 57-годишниот Принц. Во краткото соопштение на шерифот е наведено дека во тек е истрагата за околностите на неговата смрт.
– Со длабока тага во срцето потврдуваме дека легендарниот уметник и иконата Принц Роџерс Нелсом почина во својата Пејсли парк резиденција ова утро – изјавила Ивет Ноел-Шур, публицист на музичарот.
Синот на џез пијанистот Џон Нелсон и сопственик на безвременските хитови „Purple rain”,„When doves cry” и „Kiss”, кој за четири децении кариера продал повеќе од сто милиони албуми, последниот концерт го одржал на 14 април во Атланта, по што ја одложи турнејата поради болест.
Минатиот петок неговиот приватен авион принудно слетал во Илиноис, бидејќи Принц имал тешка настинка. Веќе другиот ден, во саботата, ги поканил своите обожаватели во својот дом во Минесота на забава, на која им го покажал својот нов виолетов клавир. Последниот студиски албум „Art official age“ го објавил во 2014 година и работел на автобиографијата со работен наслов „Beautiful ones”.
Седумкратниот добитник на Греми и сопственик на Златен глобус за „The song of the heart” од цртнатиот филм „Танцот на малиот пингвин“ и Оскар за најдобра филмска песна „Purple rain”, беше ценет не само поради неговата работа, туку и поради блескавите сценски настапи и фантастичните гласовни можности. Овој музички иноватор комбинирал рок музика со ар-ен-би, соул, фанк, хип-хоп, диско, џез, психоделија и поп-музика.
Првата песна ја напишал на седум години. Тој се прослави во 1984 година кога со неговиот бенд „Револушн“ ја сними познатата „Purple rain“, која само во САД е продадена во 13 милиони копии, и која послужи како инстурментална подлога за истоимениот филм во кој првпат глумел. Во 1980-тите под псевдоним работел за други изведувачи. Расформирајќиго бендот „Револушн“, во 1987 година Принц го објави двојниот албум „Sign ‘O’ the times” како соло уметник. Во рокенрол куќата на славните воведен е во 2004 година, а магазинот „Ролингстоун“ го стави на 27 -то место на листата „Сто најголеми уметници на сите времиња“. Принц се женел двапати, со Мајта Гарсија со која има дете и со Мануела Тeстолини.
Меѓу неговите изјави кои и денес се прераскажуваат се : Луѓето велат дека носам високи потпетици затоа што сум низок. А јас носам високи потпетици бидејќи жените ги сакаат“ и „Имам повеќе хитови отколку што има Мадона деца“.