Џејмс Џегер, најстариот син на британскиот рокер, и неговата девојка Анушка Шарма вчера за најблиското семејство и пријателите организираа свадбена прослава во англиското село Оксфордшир. Двојката лани во септември тајно стапи во брак во Њујорк, по седум години врска. На свадбата биле и родителите на младоженецот, поранешните сопружници Мик Џегер и Џери Хол, како и нејзиниот нов сопруг Руперт Мурдок. Тоа е нивното прво заедничко појавување во јавноста откако Џери минатиот месец се омажи за Мурдок.
Судејќи според фотографиите од големата свадба на најстариот син на Мик Џегер, се чини дека 72-годишниот рокер ги средил односите со поранешната сопруга Џери Хол. Имено, британските медиуми пишуваа за заладените односи на поранешните сопружници откако Џери неодамна се омажи за медиумскиот могул Руперт Мурдок. Токму неговите весници ја открија љубовната афера поради која се распадна бракот на Мик Џегер и Џери Хол.
Но, на свадбата на 30-годишниот Џејмс Џегер и Анушка Шарма, сите заедно позирале на фотографите како големо сложно семејство. Џејмс неодамна имаше актерско деби во серијата „Винил“ која ја осмисли и продуцира неговиот татко.