Демократскиот сојуз предлага свикување на седница на Парламентот и одлагање на изборите, со што ќе се создадат услови за избор на експертска Влада (не политичка), како дел од решението на политичката криза.
„Демократскиот сојуз повикува на единство, разумен и одговорен пристап кон градење на излезни решенија од севкупната криза во која западна Македонија. Наместо да чекаме “странците” да нудат договори и ни ги разрешуваат нашите проблеми, предлагаме сите одговорни луѓе да седнат на маса и утврдат Платформа за излез од кризата која го блокира целокупниот систем, евроинтеграциските процеси, создава економска нестабилност и го нарушува нормалното одвивање на животот“, рече Павле Трајанов, претседател на ДС.
Тој предлага, свикување на седница на Парламентот и одлагање на изборите, со што ќе се создадат услови за избор на експертска Влада, не политичка. Потоа, мандаторот да биде кандидат со висок професионален и демократски капацитет, без партиски багаж, кој ќе има слобода, да го формира владиниот кабинет од професионалци, а министрите самостојно да ги формираат своите тимови.
Според Трајанов, експертската Влада треба да има мандат да ги разреши круцијалните прашања, како „воспоставување уставни механизми (промени на Уставот) и гаранции дека никогаш повеќе не ќе може да се етаблира авторитарна власт каква што денес имаме и која е основна причина за кризата. Никогаш да не се повтори еден човек – една партија – една власт“.
Треба да обезбеди основни предуслови за утврдување на политичка и кривичноправна одговорност за сите што со злоупотреба на довербата на граѓаните ја вовлекоа Македонија во длабока криза, ја ограбија и предизвикаа иселување на креативните и стручни кадри, а резултат од таквата политика се повеќе испразнети градови.
Потоа, треба да се направи реформа на судскиот систем преку рекомпонирање на Судскиот совет и реизбор на судиите и формирање на Судски оддел кој ќе постапува по обвиненија на СЈО.
Предлага и реформи на безбедносниот систем, во медиумите, во изборните правила, со тоа што Македонија би била една изборна единица, како основа за демонтажа на еднопартискиот систем.
„Целосна деблокада на евроатланските процеси, преку спроведување на препораките на ЕУ и заклучоците од експертскиот Извештај на Прибе. Обезбедување на економска стабилност и создавање на амбиент за нови инвестиции, работни места и запирање на процесот на иселување на креативните кадри во странство. Прифаќање на бројните идеи од граѓанскиот сектор, кој прераснува во движечка сила на промените и правдата во Македонија“, вели Трајанов.
Демократскиот сојуз повикува на политички дијалог во кој ќе бидат вклучени сите релевантни партии, граѓанскиот сектор, експертите, како и медиумите. Демократскиот сојуз ги поддршува протестите, но повикува да бидат мирни.