Лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за агенцијата „Бета“, што го пренесе српскиот јавен сервис РТС изјави дека Договорот од Пржино може да се реафирмира и дека до октомври може да се подготват услови за фер и демократски избори. Заев рекол дека опозицијата предводена од неговата партија ќе победи на изборите.
Заев истакнал дека предуслов за продолжување на политичкиот договор за решавање на политичката криза е повлекувањето на сите аболиции кои ги даде претседателот Ѓорге Иванов.
– Веруваме дека во летниот период ќе биде јасно дефинирано како да излеземе од кризата. Летото во секој случај нема да биде спокојно и мирно. Се зависи од тоа што ќе се случува до крајот на јуни – рече Заев.
Тој додал дека неговата партија ја поддржува „Шарената револуција“ бидејќи сметаат дека граѓанските организации треба да имаат сериозна улога во македонското општество.