Чаирскиот градоначалник и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити пред два дена избегнал блиска средба со група од 20-ина лица кои упаднале во неговата канцеларија во општинската зграда на Чаир, дознава „Дневник“.
Нема информации која е групата и зошто насилно влегла кај Меџити. Се шпекулира и дека откако групата не го нашла Меџити во општинската зграда, како поздрав од посетата му оставиле куршум.
Од МВР за „Дневник“ потврдија дека завчера вработен во Општината пријавил во полиција дека ден претходно околу 11.30 часот во општинската зграда на Чаир упаднала група од 20-ина лица и дека се упатиле кон канцеларијата на Меџити. Според полицијата, поголем дел од групата останал на првиот кат од општинската зграда, а само тројца се качиле на третиот кат, каде што се канцелариите на градоначалникот. Таму ја затекнале секретарката која им кажала дека градоначалникот е службено отсутен, по што тие ја напуштиле зградата.
Некои портали на албански јазик вчера пренесоа дека Меџити во општинските канцеларии го „посетиле“ двајца Kосовци. Според порталите, двете лица побарале Меџити да се повлече од градоначалничката функција. Градоначалникот за настанот ја известил партијата, но нема информации дали случајот е пријавен во полиција. Порталите информираат дека двајцата Kосовци ~ биле познати на приштинската полиција како проблематични. Се наведува и дека Kосовците биле блиски пријатели на друг функционер од Чаир и дека посетата се случила кога во ек се недоразбирањата меѓу функционери од чаирскиот разгранок.