После една година успешно е извршена трансплантација на бубрег од жив донор на скопските клиники, а закажани се уште три до 1 јули, истакна денеска претседателот на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, Гоце Спасовски.
– Со сите здружени сили се враќаме полека на тие патеки кои натаму ќе треба да го донесат оној пробив кој го направивме на полето на трансплантацијата – рече Спасовски на прес-конференција по повод 5. Конгрес на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, кој почнува вечер во Македонската академија на науките и уметностите.
Претседателот на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“, Љубинко Трпеновски, одговарајќи на новинарско прашање рече дека во Македонија има недостиг од нефролози, а тие што ги има се на Клиниката за нефрологија. Во внатрешноста има само двајца нефролози од кои едниот работи во Центарот за дијализа, а другиот работи како интернист во Медицинскиот центар во Прилеп.
Во периодот кога не се извршуваа трансплантации кај нас двајца пациенти заминале за трансплантација во Турција.
– Причините за застојот беа повеќе, една од нив е недоразбирањето меѓу тимот, Министерството за здравство, националниот координатор, колегите… Основна причина, според нас, беше планот на Министерството да отвори Центар за трансплантација и извонредност кој ветуваше дека ќе почне за два до три месеци. Помина година и пол и нема ништо од тој центар – рече Трпеновски и додаде дека затоа инсистирале да продолжи успешната приказна на Клиниката.
Момир Поленаковиќ, почесен претседател и основач на Македонското здружение за нефрологија, дијализа, трансплантација и вештачки органи, рече дека конгресот е еден придонес, дека успеале на гараѓаните да им обезбедат здравствена заштита од бубрежна болест.
– Имаме рана дијагноза и сите видови третман вклучувајќи и трансплантација. Превенцијата е многу важна и за неа ќе се дискутира на конгресот. Конгресот ќе даде придонес за науката, но и за конкретно лекување на пациенти. Трансплантацијата која ја почнавме во 1977 година, беше многу успешна минатата година, а се надевам и сега ќе продолжи – истакна Поленаковиќ.
На конгресот ќе има 264 учесници и 60 предавачи од 20 земји.