Владата на Република Македонија вчера на седница го усвои Предлог ребалансот на буџетот за 2016 година, кој веднаш ќе биде доставен до Собранието на РМ.
Како што образложи на прес-конференција министерот за финансии Кирил Миноски, ребалансот се должи на промена на проекцијата за растот на бруто општествениот производ од 4 проценти на 2,3 проценти.
Со ребалансот, како што потенцира министерот, не се загрозува исплатата на платите, пензиите и социјалните трансфери, а капиталните расходи се намалуваат, но сепак остануваат на високо ниво и се поголеми за 3,8 милијарди во однос на истиот период минатата година.
-Како резултат на промените во растот на бруто општествениот производ неопходно беше да се изврши и соодветна промена на проекциите на вкупните пригоди и вкупните расходи. На приходната страна имаме намалување на проекциите за околу 2% или во апсолутен износ за три милијарди денари, а расходите за 804 милиони денари во однос на проектираното, објасни Миноски.
Тој истакна дека оптимистички е позитивниот тренд на наплата кај даноците и придонесите кој што се зголемени во однос на првите два квартали на 2015 година. Кај даноците за 6,4% додека кај придонесите за 5,7%.
-Со ребалансот доаѓа и до извесно зголемување на буџетскиот дефицит од првично проектираните 3,2% на 3,6%, од бруто општествениот производ или за 2,1 милијарда денари. Со ребалансот на буџетот настојуваме да обезбедиме непречено сервисирање на сите функции на македонската економија, рече Миноски.
Министерот апелираше до јавноста за конструктивност во понатамошните активности на министерството за финансии.