Легендарната актерка Ноел Нил, која се прослави како Лоис Лејн, девојката на славниот Супермен, е пронајдена мртва во својот дом во Аризона, пренесуваат американските медиуми.
Славната Ноел починала во неделата на 96-годишна возраст, по долгата борба со тешката болест.
Ноел е првата актерка која го играла ликот на новинарката Лоис Лејн, вечната љубов на Кларк Кент (Супермен) кој го глумеше актерот Џек Ларсон.
Нејзиниот менаџер Лери Вард ја потврдил веста за смртта на познатата актерка.
– Со голема тага мора да ве известам дека почина мојата голема пријателка Ноел Нил. Беше великодушна, љубезна , несебична и духовита. Сите свои квалитети ги пренесе на ликот Лоис Лејн. Ноел навистина беше Лоис и во приватниот живот- напишал Вард во соопштението.
Ноел е родена во Минесота во 1920 година. Таа била ќерка на уредникот на „Минеаполис стар трибјун“, Дејвид Нил и њујоршката водвиљ артистка Лавер Нил.
Во 1930-тите години како дете почнала да пее и да настапува низ САД. Таа се преселила во Холивуд на 18-годишна возраст и веднаш се пробила на сцената кога била ангажирана да пее во клубот „Турф клаб“ на Бинг Крозби, во Калифорнија. Во 1941 година потпишала договор со „Парамаунт пикчрс“.
Ноел снимила 100 филмови во својата кариера, се појавила во многу вестерн филмови и филмовите во кои глумела ја одбележаа ерата во филмската индустрија.