Хепи радио, нова скопска радио-фреквенција во лаунџ-ресторанот на хотелот Елит Плаза одржа прес-конференција на која менаџерскиот и водителскиот тим зборуваше за концепцијата и за програмската шема на новата градска фреквенција, која, благодарение на новите технологии е достапна во целиот свет.
Директорот и еден од сопствениците на радиото, Владо Јаневски истакна дека главна цел на радиото е да шири добра вибрација низ градскиот етер и дека целта на неговиот тим е да стане најдобриот пријател на сите слушатели кои ќе дојдат на оваа фреквенција.
Општиот впечаток на присутните на пресот e дека неговото долгогодишно искуство во шоу-бизнисот ќе биде доволна гаранција за Хепи радио да внесе свежина низ скопските радио бранови.
Главниот и одговорен уредник Иван Беќковиќ зборуваше за програмската шема и го претстави водителскиот тим на Хепи радио, напоменувајќи дека фреквенцијата 107.4 во текот на денот има цели 14 часа програма во жива, како и целоноќна одбрана музика, а приказната продолжува и во деновите на викендот.
Гласовите кои ќе им прават друштво на скопјани им припаѓаат на: Оливера Петрушевска, Марко Новески, Ана Тодевска, Зорица Црношија, Маја Бабиќ и Маја Ристовска.
Им посакуваме многу успех на Хепи радио бидејќи добри вести и квалитетна музика никогаш не може да има премногу.