Судечки совет на Врховниот суд го прифатил барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда за случајот наречен „Тенковски делови“ и по извршената ревизија ги укинал претходно донесените пресуди.
Според сознанија на „Утрински весник“, највисокиот суд ги укинал пресудите на Основниот суд Скопје 1 изречена на 1 јули 2013 и на скопскиот Апелациски суд од 30 јуни 2104 година и наложил судската постапка да се врати од почеток. Од Врховниот суд вчера само потврдија дека одлука е донесена и дека таа ќе биде соопштена оној момент кога ќе биде потпишана од сите судии. Станува збор за случај во кој меѓу обвинетите се најдоа и тогашниот министер за одбрана Владо Бучковски и поранешниот началник на Генералштабот на АРМ, Методи Стамболиски, како уште неколкумина вработени во МО и директорот на „МЗТ ФОП“.
Ако Врховниот суд наложил враќање на постапката од почеток, тогаш скопскиот кривичен суд ќе треба по трет пат да започне судење за случајот со резервните тенковски делови, и покрај тоа што овој предмет се решава цели девет години.