Двајцата атентатори кои го ликвидирале водачот на т.н. „Гробари“, Александар Станковиќ, познат како Сале Мутав чекале цел час пред нивната мета да им се појави на видик.
Тоа се открива во досегашниот тек од истрагата, објавуваат српски медиуми. Иако во почетокот се верувало дека двајцата со автомобил „Бе-ем-ве“ му го попречиле патот на водачот на навивачката група на Партизан, тие сепак трпеливо го чекале да им дојде на дострел.
Како што објави српски „Телеграф“, напаѓачите пристигнале на местото на ликвидацијата цел час пред убиството. Биле информирани дека околу 20 часот вечерта Мутави ќе биде во вежбалница.
-Станковиќ во вежбалницата пристигнал вечерта во четвртокот околу 20 часот, еден час пред убиството. Влегол во гаражата и таму го оставил автомобилот. Кога завршил со тренингот на кој бил со неговиот телохранител Милорад Ѓуриќ, тргнал кон својот дом, рекол изворот близок до истрагата.
Според истиот извор, напаѓачите биле таму уште во мигот кога Мутави влегувал во вежбалницата. Сепак, се решиле да го чекаат и да го ликвидираат на заминување. Како што пишуваат српските медиуми, ликвидаторите биле професионалци. Пукале исклучиво во глава и во врат, за да бидат сигурни дека метата ќе биде ликвидирана.
– Едниот бил кај страничното стакло, додека другиот речиси скокнал на шофершајбната. Пукале истовремено од два „калашникови“ и ги испразниле шаржерите, со околу 60 куршуми. Телохранителот, кој се наоѓал на задното седиште, инаку чувар во затвор, посегнал по својот пиштол, но напаѓачот кој бил кај страничниот прозорец го забележал и истрелал неколку куршуми и кон него, рекол изворот од истрагата.
Телото на Сале Мутави било речиси обезглавено од канонадата од крушуми.
– Напаѓачите му пукале само во глава и во врат, а од големиот број куршуми главата му била речиси откината од телото. Откако завршиле со пукањето, избегале кон улицата каде ги чекало паркирано „Бе-ем-ве“, со кое заминале во шумата на Звездара. Таму автомобилот го полеале со бензин и го запалиле, се вели во изјавата од изворот.