Марк Конков, син на руски бизнисмен е осуден на девет години затвор поради брутално убиство на бившата девојка, шеснаесетгодишната Карина Залесов во куќата на неговите родители во Новосибирск.
Имено, Конков бившата девојка 25 пати ја избодел со нож, во главата и вратот, а кога се појавил на судењето веднаш ја признал вината.
На изрекувањето на казната, бесните родители на обвинетиот изрекле неверојатни обвинувања на сметка на жртвата. Ја обвиниле дека таа е виновна за се, дека припаѓа на пониска општествена класа и дека никогаш и не смеела да се дружи со нивниот син.
Марк Конков по убиството не бил притворен, туку му бил одреден домашен притвор, поради што низ Русија се одржале бројни протести, бидејќи луѓето сметале дека случајот ќе се заташка и дека богатството на таткото на убиецот и неговите политички врски ќе извршат притисок на полицијата и судството. Сепак, протестите вродиле со плод и на Марк Конков му бил одреден притвор.
Во затворот му направиле и психолошки тестирања за време на кои му е утврдено нарушување на личноста и склоност кон садизам, но се заклучило дека во моментот кога ја убил Карина бил психички здрав. Токму поради тоа обвинението било преправено од убиство во свирепо убиство.
Сепак, Игор Конков, таткото на убиецот, инаку градежник, на судот тоа упорно го негирал.
– Немаше ништо посебно свирепо. Го видов нејзиното тело и изгледаше нормално. Единствено беше мртва. Ние сме од различни слоеви на општеството. Никој не ја повикал во нашата куќа, сама дојде – рекол Игор Конков на судењето.
На судењето можело да се слушне дека Марк Конков ја повикал Карина во својата куќа во октомври 2015 година. Рекол дека ќе се убие ако не дојде. Но, бидејќи таа конечно се појавила тој брутално ја изудирал со дланките и со дрвена фигура пред да употреби нож.
Таткото на убиецот тврдел дека тие се договориле заедно да направат самоубиство, но форензичките докази покажале дека девојката очајнички се обидувала да се одбрани од бруталните напади.
На судењето, Конков ги демантирал тврдењата на татко му за какво било заедничко самоубиство со жртвата и рекол:„Едноставно ја убив и тоа е се“.