Ида Сабо, најстарата партизанка, починала во Нови Сад. Имаше 101 година.
Ида во младоста се приклучила на подмладокот на Комунистичката партија на Југославија. Таа, бележи РТС, имала значајна улога во подготовка и организирање на востанието против нацистичкиот окупатор во Југославија во 1941 година.
Сабо била и претседателка на Антифашистичкиот фронт на жените од Војводина.
„Овие мои 101 година неверојатно брзо поминаа. Беше тоа убав и богат живот, не материјално богат, но тоа никогаш не ми беше неопходно… Доживеав со свои очи да го гледам распаѓањето на светот што го градев, не е лесно тоа да се гледа… Да сум само малку помлада и денес би се борела, погледнете во што се претвораат Европа и светот околу нас“, изјави Ида Сабо неодамна.