Еден хостел во Сараево им нуди на посетителите едноставно искуство – да минат неколку денови како да се наоѓаат во војна.
Гостите на „Воениот хостел“ на влезот добиваат шлем и воена униформа. Спијат во соби осветлени само со една сијалица што се напојува од акумулатор. Најлоните на прозорците се исти како тие што Обединетите нации им ги делеле на Сараевчани, за да ги заменат стаклата на прозорците разнесени од гранати.
Ноќе тие можат да се служат со свеќи за да се движат низ хостелот, чии ѕидови се „украсени“ со страници од весници од времето на војната.
Пред да заспијат, со звуците на експлозии од гранати коишто допираат од разглас, сопственикот на хостелот ( се претставува како „зеро уан“) гостите ги запознава со неговите сеќавања на војната и повоениот период.
Тој прекар којшто Аријан Курбашиќ од Сараево го избрал за себе, било тајното, шифрирано име на неговиот татко, учесник во војната на страната на Босанската армија.
– Сакав луѓето да ме гледаат како човечко суштество, што е најважна работа во текот на војната – рекол Курбашиќ, објаснувајќи зошто на странците им се претставува под името „Зеро уан“ (Zero One).
На гостите се чини им се допаѓа оваа симулација.
– Најдобар начин нешто да научите е преку искуство, Тоа ја дава емоцијата којашто стои зад настанот. Јас можам да читам книги колку сакам, но таквите инфомрации брзо ги заборавам. Меѓутоа, кога сум тука и кога со луѓето разговарам за нивните искуства, тоа е многу пореално – изјавил Американецот Ендрју Бернс (21), гостин во хостелот.