Семјуел Апам веројатно би бил целосно заборавен од историјата и по ништо посебно не би се издвојувал, ако не избувнела Американската граѓанска војна која му овозможила да стане славен поради една единствена работа во која бил највешт од сите.
Семјуел Кертис Апам е роден во далечната 1819 година во Монпелје, престолнината на американската сојузна држава Вермонт, во семејство на тврдокорни методистички протестанти. Татко му и мајка му се надевале дека ќе биде фармер или ковач, но тој ги разочарал и во дваесеттата година отишол во Њујорк да биде чиновник. Потоа стапил во морнарицата во која поминал три години. Потоа бил сметководител во Филаделфија, каде што ја запознал својата сопруга Ана.
На крајот од четириесеттите и почетокот на педесеттите години бил во Калифорнија каде што си ја пробал среќата за време на Златната треска, прво со копање, а потоа и со основање на еден дневен весник во Сакраменто, но набрзо се вратил во Филаделфија бидејќи му недостасувал тој град на кој почнал да гледа како на свој дом. Па, како од тој живот на нормален човек, Апам станал славен? Поради она што се одиграло по избивањето на Американската граѓанска војна.
Имено, штом започнал епскиот конфликт помеѓу Северот и Југот, штом робосопственичкиот Југ се отцепил и ја формирал Конфедеративната Американска Држава, Апам почнал да продава патриотски ситници за да ја поддржи Унијата, како и предмети кои ја исмевале Конфедерацијата (како картички на кои главата на јужниот претседател Џеферсон Дејвис била поставена на тело од магаре).
Во февруари 1862 година дошол до посед на еден примерок од конфедеративен долар и почнал да печати фалсификати во својата работилница во книжарата во која инаку го печател регуларниот материјал кој го продавал. Во првиот круг имало три илјади банкноти од пет долари и сите на дното имале индикации дека се работи за фалсификат. Ги продавал за едно пени.
Но, криумчарите на памук набрзо сфатиле дека овој фалсификат е речиси совршен, па почнале да ги купуваат за пени, да ја сечат назнаката на дното и да прават јужњачка економија со овие фалсификати, а и самиот Апам бил се` подобар и повешт. Го проширил „бизнисот“ и ги печател речиси сите конфедеративни банкноти (кои биле многу, бидејќи ги издавала не само централната влада, туку и владите на поединечните држави во рамките на Конфедерацијата имале свои сопствени долари), како и поштенски марки.
До крајот на војната се верува дека испечатил речиси половина милијарда конфедеративни долари, во денешна противвредност, од што заработил тогашни 50.000 долари. Процената е дека неговите банкноти сочинувале од 1 до 3 отсто од вкупните банкноти од јужниот долар во оптек, што е неверојатен процент.
Администрацијата на Линколн се нашла во голем проблем. Без разлика колку ова било добро за нивните воени напори, со оглед на тоа што ја уништувало јужната економија, Југот можел да возврати со иста мера и да почне да печати фалсификати од нивните пари
Но, Белата куќа не можела да направи ништо по тоа прашање бидејќи Апам не правел ништо нелегално: бидејќи владата на Унијата не ја признавала легалноста и легитимитетот на конфедеративната власт, не можела ни да го гони некој затоа што печати пари кои по дифолт се нелегални и нелегитимни. Се обидувале со убаво да го замолат да престане со тоа, но тој одбил, па дури и го обвиниле дека го фалсификува северниот долар, што тој жестоко го негирал. Покрената била и тужба од кога Апам сигурно би излегол како победник, но по интервенција на секретарот на војната Едвин Стентон, таа била повлечена.
Владата на Конфедерацијата одговорила така што го осудила на смрт Семјуел Апам и понудила награда од 10.000 (нивни) долари на секој оној кој ќе го донесе пред лицето на правдата, жив или мртов.
До крајот на војната и други тргнале по неговите стапки, печатејќи конфедеративни долари и продавајќи им ги на луѓето. Со тоа не само што заработувале пари лично, туку и дополнително ја уништувале економијата на Југот, помагајќи ги воените напори на Северот. Тие не носеле пушки, но војувале на свој начин.
Не сакаме да кажеме дека тие на ум имале победа на Унијата и дека затоа го правеле тоа, мораме да појдеме од претпоставката дека тоа го правеле за лично да заработат пари, но без разлика каква била нивната мотивација, резултатот бил ист – ја довеле јужната економија до колапс.
Апам починал од рак на стомакот во 1885 година, а денес неговите фалсификати се вредни колекционерски предмети.
Точка.ком.мк