Во Основниот суд во Охрид денеска се одржа првото рочиште од процесот за убиството што се случи на Нова година во центарот на Охрид, кога пред угостителски објект во центарот на градот до смрт беше претепан 27-годишниот Димитар Матилоски.
Обвинетиот српски државјанин Бојан У. (29) од Краљево на денешното прво појавувување пред Судскиот совет со кој претседава судијата Весна Кичеец ја призна вината, изразувајќи каење за стореното дело и жалење за последиците.
Инаку, најголем дел од денешната расправа во судницата беше посветена на правната формулација на самото дело. Според обвинителниот акт, главниот осомничен Бојан У. се товари за сторено кривично дело „убиство“ од член 123 од Кривичниот законик, за што законот предвидува затворска казна од пет до 20 години.
Со таквата квалификација не се согласи семејството на убиениот Димитар Матилоски, кое преку правниот застапник Никола Мујоски бараше главниот осомничен да одговара за кривично дело „свирепо убиство“, како и оштетно побарување во име на семејството од десет милиони денари.
Правниот застапник на одбраната Донче Наков од друга страна инсистираше на неменување на правната квалификација на стореното кривично дело, притоа како олеснителни околности наведувајќи ги признавањето на вината од страна на обвинетиот, доброто однесување, како и фактот што се работи за досега неосудувано лице.
Со ова рочиште и признанието на обвинетиот на стореното дело практично заврши главниот претрес во процесот по што Судот, имајќи ги предвид сите докази од истражната постапка, ќе определи термин кога ќе ја соопшти пресудата.