Од Божик до Богојавление шетаат лошите духови


Од 7 јануари, па се до Богојавление се некрстените денови, кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти.

bozikjБожик, денот на раѓањето на Исус Христос, христијанскиот свет го прифатил како почеток на Новата година. Од денот на Христовото раѓање, 25 декември по Грегоријанскиот или 7 јануари по Јулијанскиот календар, па се до Богојавление 6 јануари по новиот или 19 јануари по стариот календар се некрстените денови.

Денови кога по земјата шетаат духови, лоши сили и демони: караконџоли, тарамбаба, гревогазец, ѓаволица, чума и колера. И водите тогаш се нечисти, опседнати со лоши духови. Водата во овие некрстени денови е леунка, вели народот, крстот е врзан, немоќен, нема сила да ги протера духовите.

Во овие дванаесет некрстени денови луѓето се маскираат и ги изведуваат игрите под маски и тоа на Бадник и по него, пред Василица (Стара нова година), а и речиси сите останати денови до Водици. Игрите под маски најпознати како џамаларски, но и: бабари, василичари, мечкари, ајти, русалии… се изведуваат за да се избркаат лошите сили и демони. Луѓет веруваат дека со маските каде задолжително составни елементи се sвонците, клопотарците, стаповите, гајдите и тапаните што прават врева ќе ги исплашат демоните и тие ќе ја напуштат земјата.

Настанувањето на овие дванаесет дена се објаснува со разликата меѓу сончевата и месечевата година која изнесува точно дванаесет дена. Денови во кои завршува зимската краткодневица и се раѓа новото Сонце.

badnik ogan

Коледарските и василичарските обреди под маски ги изведуваат група од млади момчиња кои се маскираат. Нив ги предводи повозрасен маж со потврдена плодоносна моќ, кој има голем и здрав род зад себе и кој е познат женкар. Младите ергени што достигнале одредена возраст 16 – 19 години мора да поминат низ овие обредни игри. Низ игрите требало да се покажат, преобразат и формираат во возрасни мажи, зрели за женење.

Маскирањето започнува откако ќе се запали голем оган, а околу него се пие и се пеат и кажуваат безобразни, т.н. мрсни песни што треба да ја подгреат атмосферата со еротски набој. Најзначајно место во групата имаат маските на зетот и на невестата. Маската на невестата треба да е многу добро направена за никој да не ја познае. Особено значење се посветува на градите и задникот кои треба да бидат големи за да предизвикуваат сексуални желби, со што се поттикнува целата природа и човекот на плодност. Често невестата е бремена или држи мало бебе.

ogan bozikj

Во групата задолжително се и бабата и дедото, ликови сврзани за плодноста, но и за смртта. Во игрите под маски што содржат и многу драмски елементи, дедото умира, за повторно со помош на лекарот и попот да оживее. Во оживувањето на дедото учествуваат и бабата или невестата кои изведуваат сексуални движења над дедото, со често симулирање на ритуално мокрење над устата или половиот орган на дедото. Умирањето и повторното раѓање симболизира завршување на лошите, неплодни денови, и раѓање на новото Сонце, добриот период. Со раѓањето на новото Сонце лошите сили и демони си заминуваат од земјата во темнината.

Коњот и мечката, исто така, имаат значајно место во маскираната група. Коњот е поврзан со сонцето. Уште во античките и првобитните религии се верувало дека Сонцето се вози во кочија што ја влечат коњи или пак на Сонцето му се жртвуваат коњи. Мечката пак е поврзана со зголемувањето на денот, доаѓањето на плодните и родни денови. Како што мечката напролет се буди од зимскиот сон така и природата по дванаесетте некрстени, лоши денови, се разбудува.

Вака маскиранита група во која има уште многу маски на млади ергени и девојки, кози, јариња, магаре, натприродни суштества, ќепеци… по загревањето крај огнот врши обредно повикување на водачот на групата и сите тргнуваат во обиколка на куќите. Групата тропа на секоја порта, а откако ќе им отвори домаќинот или домаќинката почнуваат да го изведуваат ритуалот кој започнува со благослов на куќата и на домаќините. Централната личност пак во ритуалот, невестата, маскираните ја фаќаат по градите и задникот со долги стапови што асоцираат на машкиот полов орган, познати како коледашки. Бабата и дедото ја бранат невестата, при што дедото ќе биде повреден. Потоа се изведува ритуалот со умирање на дедото и негово оживување. Откако ќе завршат сите ритуали домаќините ја даруваат групата најчесто со колачиња, зрнеста храна, костени, овошје. По дарувањето групата заминува пред друга порта и се така додека не се изредат сите куќи.

Игрите под маски што се изведуваат во дванаесетте некрстени денови завршуваат на Водици 19 јануари, денот на Христовото крштевање. На овој ден во сите води ритуално се фрла крстот, што го означува крштевањето. Ослободениот крст има сила да ги гони лошите сили и демони да не доаѓаат на земјата, туку да си седат во нивното царство на темнината.

извор – http://makedonska-mitologija.blogspot.com

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1