Ќе се обидам да составам влада, но не по секоја цена, вели во интервју за „Дневник“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, коментирајќи ја платформата што ја објавија албанските партии од Македонија, а чие исполнување е услов за тие да коалираат со една од двете македонски партии во идната влада. Ако се оди по досегашните установени принципи во Македо нија, би требало да составам влада. Ако се прекршат, с` е можно, вели Груевски.
Во однос на тврдењата на многу албански политичари, аналитичари и медиуми ДЕКА членството на ДУИ не сака коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, Груевски вели:
„Не знам дали така размислува членството на ДУИ, но знам како размислуваше членството на ВМРО-ДПМНЕ во 2008, па донекаде и во 2011 и 2014. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ тогаш се одлучи да коалира со ДУИ, затоа што беше очигледно од изборите дека мнозинството граѓани Албанци сакаат ДУИ да е во владата“.
Запрашан каков ќе биде потегот на неговата партија доколку сега ДУИ одлучи да не коалира со ВМРО-ДПМНЕ како победник, Груевски е дециден:
„Ако ВМРО-ДПМНЕ како победничка партија биде изиграна од ДУИ, независно кои ќе бидат причините за тоа, бидете убедени дека наскоро, ВМРО-ДПМНЕ ќе се врати на голема врата во владата и тоа најмалку два мандата по ред. И ќе бидеме без каква било обврска при составувањето на владата“
Во однос на заедничката платформа албанските партии, Груевски посочува дека тие и сега и во иднина ќе бидат приближно 25 партии во коалиција со заедничка платформа. Ако сакаме да ја играме играта со платформи, нема проблем, така ќе тераме отсега, вели Груевски во интервјуто.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека за него најважни се интересите и на Македонците и на сите граѓани на Македонија, вклучувајќи ги и Албанците. Верува дека се свесни дека во коалиција со СДСМ, платформата која им ја составуваа, политички може да му помогне најмногу на СДСМ кај албанскиот електорат. На Албанците во Македонија нема да им помогне ако имаат двојазичност на цела територија, вклучувајќи ги и Делчево, Берово, Гевгелија или Кавадарци. Ним може да им помогне ако во наредните четири години се отворат уште 100 или 150 нови фабрики, и се вработат илјадници луѓе, заклучува Груевски во интервјуто.