Благ пад на цените на недвижностите пред се поради зголемената градежна активност, а значително намалената побарувачка на станови, очекува Агенцијата за катастар на недвижности во наредниот период доколку условите на пазарот останат исти подолг временски период.
Моментно на пазарот на недвижности слободни за продажба се околу 11.000 станови, од кои 2.800 изградени.
Во третиот квартал лани, според регистарот, се регистрирани 646 продажби на новоградби, односно за 147 повеќе во однос на вториот квартал, кога биле регистрирани 499 продажби.
– Во овој квартал согласно податоците од базата на Катастарот на недвижности имаме 2.807 новоизградени станови кои се непродадени и се нудат на пазарот со недвижности, додека во тек на градба се 8.332 станови на целата територија на Македонија. Во вториот квартал од 2016 година беа регистрирани 2.842 непродадени станови кои се нудеа на пазарот со недвижности и 7.969 станови кои беа во тек на градба. Доколку ги споредиме овие два квартала можеме да забележиме намалување на непродадените станови за 35 стана и раст на становите кои се во градба од 363 стана кои треба да бидат довршени и понудени на пазарот со недвижности – изјави диркеторот на Катастарот Славчо Трпески.
Во третиот квартал лани цената на метар квадратен станбен простор во општина Центар изнесува 55.173 денари, што е намалување за 2.970 денари во однос на истиот квартал во 2015 година. Во општина Аеродром, пак, има раст на цената на становите, односно метар квадратен во третиот квартал изнесува 55.462 денари што е раст на цената за 5.835 денари, споредено со третиот квартал од 2015 година. Намалување на цената во третиот квартал од 2.645 денари е регистрирано во општина Карпош.
Надвор од Скопје стабилна цена на станбениот простор има во општина Струмица каде во третиот квартал 2015 година е регистрирана цена од 30.603 денари, а за истиот период оваа година е регистрирана просечна цена на од 31.320 денари. Во Битола, пак, има намалување за 8.311 денари на просечната цена за метар квадратен, одноно ако во третиот квартал во 2015 година изнесувала 31.713 денари, во истиот квартал лани, цената била 23.402 денара.
Регистарот на цени и закупнини регистрира пад на бројот на станови под хипотека од 0,44 проценти, а на ниво на целата држава од вкупниот број регистрирани станови 9,28 проценти се наоѓаат под хипотека.