Осомничениот за нападот на Нова година во Истанбул ја сменил целта на нападот во последен момент


Осомничениот за нападот на Нова година во ноќен клуб во Истанбул изјавил пред полицијата дека морал да ја смени целта на нападот во последен момент за да ги избегне безбедносните сили, пишува денеска весникот „Хуриет“.

Тој вели дека дејствувал по директна наредба од „Исламска држава” во Сирија.napad-istanbul-640x294

Абдулгадир Машарипов, кој е осомничен за атентатот, беше фатен во полициска операција во Истанбул доцна во понеделникот. Напаѓачот кој уби 39 лица во ноќен клуб во Истанбул во новогодишната ноќ е роден во Узбекистан и бил обучуван во Авганистан. Турските власти го опишаа како добро образован, кој зборува четири јазици.

Машарипов првично требало да изврши напад во област околу централниот плоштад Таксим.

– Дојдов на Таксим во пресрет на Нова година, но мерките за безбедност беа зајакнати. Не беше можно да извршам атентат, соопштил уапсениот, пишува „Хуриет“.

– Ми беше дадена инструкција да барам нова цел во областа. Стигнав до брегот околу 10 вечерта со такси, продолжува Машарипов, мислејќи на брегот на Босфор, каде се наоѓа ноќниот клуб Реина, пренесува БТА.

– Реина изгледаше соодветна за напад. Не изгледаше дека мерките за безбедност се сериозни, рекол тој.

На 1 јануари Машарипов го застрела обезбедувањето на клубот и отвори оган од автоматско оружје кон оние кои ја прославуваа Новата година. Во клубот, тој фрлал шок гранати за да има можност повторно да го наполни оружјето, а пукал и кон повредените кои биле на подот.

Следниот ден, одговорноста за нападот ја презеде „Исламска држава”, велејќи дека тоа е одмазда за турската воена интервенција во Сирија.

Машарипов вчера ја призна вината, а неговите отпечатоци се совпаѓаат со пронајдените на местото на злосторството, соопшти вчера валијата на Истанбул Васип Шахин.

При апсењето, доцна во понеделникот, кај Машарипов беа пронајдени околу 200.000 долари, кои не биле негов хонорар или награда, туку требал да ги врати на „Исламска држава”. Ова го соопшти денеска пред телевизија Си-Ен-Ен-Турк вицепремиерот Вејсели Кајнак, пренесува ТАСС.

Машарипов рекол дека требало да ги однесе овие пари (197.000 долари) во Рака, односно дека тие не му биле дадени за лични трошоци, туку требало да бидат вратени во терористичката организација, рече Кајнак.

Претходно денеска, министерот за правда на Турција изјави дека „Исламска држава” без сомнение е одговорна за нападот во „Реина”.

– Сите собрани докази покажуваат вмешаност на членови на ИД во тој терористички напад, рече Бекир Боздаг.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1