Зградата на хотелот „Ригопиано“ во Фариндола, во централна Италија се преместила за десет метри, откако вчера врз неа се урна лавина, изјави префектот на провинцијата Пескара, во која се наоѓа зимското одмаралиште.
Според последните информации на локалните власти во зградата имало 20 гости и осуммина вработени, кога надошла лавината. Досега беше извадено телото на едно загинато лице. Во моментов се спасени двајца повредени.
Едниот од нив изјавил дека заминал до автомобилот за да земе нешто, по што видел како лавината надоаѓа и го поместува хотелот. Во зградата останале неговата сопруга и децата.
По ударот на лавината, луѓето, кои останале блокирани во хотелот испраќале СМС за помош до нивните блиски и до бројот за итни случаи, јавија италијански медиуми. – Помогнете ни!, Умираме од студ! гласела една од пораките.
Засега италијанските власти соопштуваат за околу 30 исчезнати. На местото на несреќата се испратени спасувачки екипи со опрема. Операцијата е отежната од снегот, кој падна во регионот изминатите денови и кој на места достигнува до два метри.
Истовремено во италијанските медуми се појавија снимки од внатрешноста на хотелот. На нив се гледа фоајето, до кое стигнале спасувачките екипи.
Спасувачката операција во хотелот е само една од неколкуте во областа Абруцо, во која се наоѓа провинцијата Пескара. Освен поради снегот таму од вчера се мобилизирани екипи и заради четири силни земјотрееси со интензитет од над пет степени според Рихтеровата скала, кои се случија во период од неколку часа и предизвикаа уривања.
Засега не е познато дали лавината, која паднала врз хотелот, е предизвикана од земјоресите. Гратчето Фариндола е во зоната, погодена од земјотресите.