Уште од првите векови Црквата утврдила овој ангел во тело да се прославува веднаш после празникот Боголавление. Тоа е затоа што неговата главна служба, неговото главно дело, се состоеше во подготвувањето на народот за доаѓање¬то на Помазаникот Исус.
Така, иако свети Јован Претеча и Крстител се прославува на неколку пати во текот на годината, неговиот собор т. е. главен празник е на денешен ден.
Обичаи и верувања
Именден прославуваат Јовановци. Овој ден се вика уште и Женски Водици поради што главен збор во изведувањето на обичаите имаат жените. Покрај другото на овој ден жените одат по коледица, и тоа само по куќите од својата компанија. Најпрвин една девојка облекуваат во невестинска облека, таа бацува рака и ги собира подароците, најчесто пари.
Во Разлошко вечерта спроти Водици (Јордановден) се правела „Попова најатка“, со посна храна исто како и на Бадник. На овој ден свештеникот одел низ селото и со светена вода ги прскал куќите, со што ги отстранувал злите демони познати како „караконџери“. Со тоа завршувале и Поганите денови. Во селото Елешница, следниот ден на Водици, по службата во храмот „Св. Атанасиј“ народот заедно со свештеникот, оделе на реката каде што го фрлале крстот во водата. При овој чин тројца мажи пукале со пушки во воздухот. По фрлањето на крстот и осветувањето на водата сите се миеле за здравје, а вода носеле и дома, за да се измијат тие што не можеле да појдат на реката, како и за да ги попрскат просториите во куќата и во шталата кај стоката. На тој ден на реката ги крштевале децата родени во Караконџеровите денови, зашто таквите деца не ги крштевале во црквата.
(Подготви Марко Китевски) Kurir.mk