Мурињо ги терал фудбалерите да тренираат попладне за да им биде полесно во жешкото Скопје


Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо, првпат е во Македонија и се надева дека нашиот главен град ќе му донесе среќа да го освои првиот Суперкуп на Европа во неговата кариера. Португалецот одговараше на бројните новинарски прашања на официјалната прес-конференција пред тренингот на „црвените ѓаволи“.

Потоа тренерот на победникот на Лига Европа се осврна на натпреварот против Реал Мадрид.

– Ние, ќе се обидеме да победиме, но јасно е дека има разлика меѓу победниците во Лигата на шампионите и Лига Европа. Тешко е да се освои Лига Европа бидејќи има многу натпревари, патувања, а мотивацијата не е толку голема бидејќи не претставува „Елдорадо“ за фудбалерите. Најголемиот квалитет е во Лигата на шампионите, кога играте во ЛШ тука се најдобрите тимови во Европа и играте против нив, сепак ние веруваме дека е можно да победиме – изјави Мурињо.

Португалецот откри дека се обидел да го адаптира својот тим на жешкото време во Скопје бидејќи знаеле каква температура ги очекува. Сепак, сметките му ги расипале дождовите во Манчестер.

– Знаев дека времето ќе биде вакво и откако се вративме од САД, решив да тренираме во Манчестер во 16 часот, но врнеше секој ден. Сакав да ја почувствуваат жештината, но врнеше постојано. Знам дека и Реал тренирал на пожешко време, веројатно се подобро подготвени за вакви услови, но сепак мора да играме и да уживаме во специјалниот момент. Не се игра често во Супер купот освен ако не сте Реал или Барселона и мора да уживаме во моментот, без разлика на времето. Се надевам дека и судијата Роки ќе дозволи паузи за фудбалерите да се освежат – дополни Мурињо.

Манчестер Јунајтед на трофејот од Супер купот на Европа чека 26 години откако во 1991 година ја победи белградска Црвена Звезда.

По прес конференцијата Мурињо и неговите избраници ќе го одржат и единствениот тренинг на арената „Филип Втори“ каде утревечер против Реал ќе го играат дуелот од УЕФА Супер купот.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1