Говорот на претседателот Ѓорге Иванов е оксиморон. Ако го ставиме на полиграф ќе изгледа шашаво за да се дефинира што е суштината и што се пораките. Имаме над 26 забелешки. Но главно е во делот за Законот за јазици, изјави пратеникот од ДУИ, Артан Груби, по говорот на Иванов, кој го оцени Законот за јазици како неуставен.
– Со овој закон се заокружува Рамковниот договор потпишан од сите партии и претседателот Борис Трајковски. Овој закон извира од Уставот и е во целосна согласност со него. Иванов треба да биде пример за кохезија на меѓуетничките и добрососедските односи – рече Груби.
Тој додаде дека е скандалозна изјавата на Иванов за соседите и побара Иванов да се извини за коментарите кон Косово и Приштина.
– Владата на Косово, пак, одлучи да определи финансиска помош за актерите ангажирани во насилните и терористичките акти во Гошинце и Куманово. Така ли косовската влада ја изрази благодарноста за згрижувањето на над 350.000 косовски бегалци во 1999-та, признавањето на косовската независност, и вклучувањето на Косово во регионалната соработка? – наведе Иванов во неговото обраќање.