Градот Скопје воведува бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и во автобусите на приватните превозници, сè до моментот на намалување на загадувањето, за што јавноста дополнително ќе биде известена. Ги повикувам сите градоначалници од скопскиот плански регион да помогнат во субвенционирањето на јавниот транспорт за полесно да ја поднесеме новонастанатата ситуација, рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов додаде дека Градот Скопје ги прекинува сите градежни активности на градилиштата под своја надлежност и ги повика сите градоначалници од општините во град Скопје да ги прекинат градежните активности на градилиштата во нивна надлежност.
– Градот Скопје изминативе денови вршеше интензивен инспекциски надзор на инсталациите што се во негова надлежност и притоа изврши контрола на 30 Б инсталации и 36 инсталации кои подлежат на одобрување на Елаборат за животна средина, со мерење на емисии во воздух. Притоа е утврдено дека ниту една инсталација во наша надлежност не ги надминува граничните вредности. Градот Скопје ја интензивираше контролата и на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината. Комуналните инспектори на Град Скопје во изминатиов период направија 1.234 контроли и изрекоа 25 казни на компании заради непочитување на одредбите од Законот за јавна чистота. Го задолжувам и ЈП „Комунална хигиена“ да го продолжи интензивното чистење и миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и им препорачувам на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност – нагласи Шилегов.
Скопскиот градоначалник додаде дека Градот Скопје врши зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување стока преку Инспекторатот на Град Скопје, а воедно го повика и Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување стоки издадени од Град Скопје.
– Апелирам до вработените во Град Скопје на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз. Службените возила на Градот Скопје ќе се користат исклучиво за потребите на градскиот инспекторат. Ги повикувам градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла. Го повикувам Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9:30 до 14:30 и по 18 часот. Го повикувам Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции. Барам од Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите за почитување на забраната за движење тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје, а кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација. Барам од Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.
Шилегов денеска даде препораки и до граѓаните.
– Апелирам до граѓаните да не ги користат возилата без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот – нагласи Шилегов.