Традиционалната Бадникарска прослава годинава, по 26. пат, ќе се одржува на 6 јануари на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“.badni
Како и секоја година наназад, прославата ќе почне со химната што во живо ќе ја испеат „Силви Бенд“ и со кревање на бадникарското знаме на јарболот, до знамето на Македонската православна црква и на Република Македонија. Потоа ќе следува осветувањето на гранчињата, нафората, топлата ракија и чајот од страна на свештенослужители на Соборниот Храм, а потоа и делењето од страна на членови на одборот за прослава.
Делегација на одборот заедно со кумот за Бадник 2018 ќе се упати кон Домот за стари лица во Злокуќани со пригодни подароци и со осветени гранчиња и топла ракија и чај.
Присутните граѓани пред Соборниот храм ќе имаат можност да ги пречекаат стариот кум Радко Манов со Преодниот пехар, градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, новиот кум Влатко Огненовски со погачата со златна паричка и здравичарот Стефан Хаџиниколов, кои ќе се упатат во Храмот, каде што ќе се одржи свечен чин на осветување и кршење на погачата од страна на Поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, кој во таа пригода и ќе одржи традиционална беседа. Прославата ќе продолжи со настап на естрадни уметници.