Голема трагедија изутринава ги вознемири жителите на тетовската Горна чаршија, каде што во пожар го загубија животот мајка и нејзините четири деца. Во огнената стихија која го зафатила нивниот семеен дом на улицата „Гоце Делчев“ успеале да се спасат свекорот и свекрвата, кои спиеле на долниот кат од куќата. Тие успеале навреме безбедно да го напуштат домот кој бил зафатен од огнените јазици. Причините за пожарот сè уште не се познати. Обвинител од Тетово повика тим од форензичари од Скопје и екипа од ЕВН да помогнат во увидот со цел да се утврди што навистина се случило во куќата.
Во моментот кога се случила трагедијата мајката била сама со нејзините деца на горниот кат од куќата, додека нејзиниот сопруг бил на работа. Како што дознава „Макфакс“, во пожарот ги изгубиле животите деца на возраст од 6, 9, 12 и 14 години.
Пожарот избувнал пред 5 часот изутрината, а причините сè уште не се познати. Станува збор за постара куќа, која веднаш била зафатена од огнот, кој го урнал покривот на куќата. Надлежните претпоставуваат дека можеби тоа и било причина за трагедијата. Семејството најверојатно останало „приклештено“ во домот и не успеало да се спаси од пламенот и густиот чад кои го зафатиле вториот кат од домот. Пожарот е изгаснат со интервенција на пожарникарите, но извори од истрагата велат дека сè уште се издигаат чад и саѓи од опожарената куќа.
Поради тоа, сè уште е отежнат пристапот до местото каде што се наоѓаат телата на жртвите.
„Сопственикот и жената биле на долниот кат од куќата и тие безбедно го напуштиле домот кога пламнал огнот. На горниот кат спиела снаата со четирите деца, додека нејзниот сопруг бил на работа“, велат извори од полицијата.
Жители на Тетово коментираат дека ваква трагедија досега не се случила во градот.
Надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Тетово во моментов е на местото на настанот и во соработка со увидната екипа од Полициската станица – Тетово и Противпожарната служба врши увид. Обвинителот повика тим за форензика од Скопје и екипа на ЕВН, кои треба да помогнат во утврдување на околностите и причините за пожарот. Издадена е наредба за обдукција на пронајдените тела и се преземаат други дејствија неопходни за расветлување на случајот.