Манчевски сведочи за 27 април: Ми го скршија носот, го откупив чадорот со кој ме маваа


Сите 33 обвинети за случувањата на 27 април во Собранието на Република Македонија се присутни на денешното рочиште во Кривичниот суд во Скопје, на кое треба да бидат сослушани четворица сведоци предложени од Обвинителството.

Денешното рочиште сослушување на сведокот Дамјан Манчевски,  Фросина Ременски, Павле Богоевски и Илија Николовски.

Манчевски рече дека на 27 април бил во прес-салата на Собранието заедно со Зоран Заев и други пратеници и кога толпата влегла во прес-центарот забележал човек со црна маица и ознаки на „хос“ кој носел оружје.

– Толпата ја проби вратата. Поголема група луѓе се упати кон нас и почна да мава со раце, стативи за камера, столици, тастатури и сѐ што најдоа пред себе, како и со стапови од знамиња што ги носеа со себе. Видов лице со оружје. Тоа носеше црна маица со ознаки на „хос“ без коса и со брада во тој момент – рече Манчевски.

Пред судот Манчевски кажа дека добил удар со бокс во пределот на носот и оти носот му бил скршен. Постојано добивал шамари и удари со статив од камера и чадор којшто потоа го откупил од лицето што го удирало за 1.000 денари.

– Откако Зијадин Села падна и ја прославија победата, толпата почна да прави јажиња од каблите од опремата за да нѐ бесат – рече Манчевски.

Тој кажа дека никој од собраниското обезбедување не се обидел да ги однесе на побезбедно место додека траел настанот.

Прашан како се однесувало собраниското обезбедување, Манчевски кажа дека чул како шефот на собраниското обезбедување телефонски се обидува да добие некого, но потоа неговиот коментар бил „оставени сме сами”.

Обвинетите во случајот за настаните од 27 април се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Тие на претходното рочиште во Кривичниот суд кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1