Средовечна жена е пронајдена мртва во нејзината семејна куќа во охридското село Велгошти.
Портпаролот на СВР Охрид Стефна Димоски ја потврди информацијата за случајот, со кусо појаснување дека полициски екипи во присуство на јавен обвинител вршат увид на лице место, без притоа да се даде поединости околу идентитетот на лицето ниту за причините за настапувањето на смртта.
Првичните информации укажуваат на убиство оттаму што жената, инаку мајка на две малолетни деца, била пронајдена мртва со најлонска вреќа врз главата.
МВР со детали за грозоморното убиство во охридско Велгошти
Во текот на вчерашниот ден во 16:37 часот во Полициската станица Охрид пријавено е казнено дело „убиство“ извршено врз Б.П. (47) во нејзината куќа на улицата „Илинденска“ во охридското село Велгошти, информираат од МВР.
На местото на настанот, извршен е криминалистичко-технички увид предводен од Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид како и полициски екипи од СВР Охрид. По преземени мерки, синоќа во 21 часот во Струга приведено и лишено од слобода е едно лице од Охрид по што, во консултација со Јавен обвинител ќе бидат преземени понатамошни мерки за целосно расветлување на случајот.
По наредба на Јавен обвинител, врз телото на починатата ќе биде извршена обдукција.