Пред 27 години се оствари вековниот стремеж за независна и суверена Република Македонија. Овие 27 години, генерации дејци, уметници, интелектуалци, буквално секој вградуваше по некое камче во мозаикот промовирајќи ја Македонија низ светот. Стекнавме стотици пријатели кои и покрај сите блокади го почитуваа нашиот идентитет и правото на самоопределување и не признаа под уставното име. Генерации политичари се бореа за заштита на националните и државни интереси штитејќи ја културата, историјата и традицијата. Сите досега одолеваа на притисоците, не ја свиткаа кичмата и не ги прифатија грчките црвени линии. Се бореа за просперитетна Македонија која ќе ги достигне европските стандарди, штитејќи го сопственото достоинство. Сите досега се трудеа на идните генерации да им го остават тоа што го наследиле и да го надградат македонскиот идентитет.
ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита Денот на државноста 8-ми Септември.
Вековниот стремеж на Македонците за суверена татковина беше постигнат на 8-ми Септември 1991 година остварувајќи го со тоа сонот на илјадници Македонци и граѓани на Македонија, кои своите животи ги дадоа за градење на самостојна и суверена држава.
Република Македонија од својата независност, па до сега, се соочуваше со многу предизвици. Бевме оспорувани и како народ и држава. Ни беа негирани нашата химна, знаме, име, валута, армија и полиција.
Но издржавме. Успеавме да ги надминеме сите предизвици и блокади, но во исто време станавме помудри и посилни. Во овие 27 години покажавме и докажавме дека само преку сложност, обединетост, сплотеност можеме да направиме многу работи. Заедно сме фокусирани на нови победи со една единствена цел, членството во ЕУ и НАТО, како врвна стратешка цел.
За жал и после 27 години повторно се соочуваме со можеби најголемиот предизвик. Се отворија прашања кои задираат во нашиот идентитет, нашиот јазик и нашата култура. Не смееме да дозволиме реализација на антидржавните и антинационални политики, чии последици би ги чувствувале многу генерации после нас.
Економски стабилна и просперитетна држава е сон на секој граѓанин кој живее во Република Македонија. Само со реформи, подобри проекти, нови инвестиции, создавање на нови работи места, можеме да чекориме напред. Интеграцијата на Република Македонија во НАТО и ЕУ е интерес на сите, но воедно е и оставина која треба да ја направиме кон нашите идни поколенија.
Нека е вековит празникот 8-ми Септември, Денот на Независноста!
Нека е вечна Република Македонија!