Брисел денеска ја започнува подготвителната работа за преговори за членство помеѓу Македонија и ЕУ.
Овој прв „објаснувачки состанок“, на кој учествуваат 43 членови од македонска страна, 39 од албанска и десетина функционери од страна на Европската унија, има за цел да и овозможи на европската страна да им го презентира на двете земји членки законодавството на ЕУ во областа на поглавјето 23 – судство и фундамнетални права.
Состанокот ќе трае два дена за време на кои ЕУ ќе ги презентира законски одредби, судски одлуки, или, пак, т.н.р. „најдобри практики“ кои во текот на самите преговори ќе им бидат водилка на земјите преговарачи на патот кон зачленувањето во Унијата.
Во следните месеци, па сѐ до јуни 2019, кога Советот на ЕУ треба и официјално да го даде зеленото светло за старт на преговори доколу Македонија ги исполни зададените услови, треба да се одржат 31 слични состаноци на денешниот за секое од останатите преговарачки поглавја, од земјоделство до животна средина или, пак, конкурентност.
Македонскиот тим го предводат Бујар Османи и Бојан Маричиќ, двајцата главни преговарачи, политички и технички, а за овој состанок и за следниот во ноември им се придружува министерката за правда, Рената Дескоска, како одговорна за овие две поглавја, 23 и 24.
Состанокот започнува утринава, во девет часот, и ќе трае до петок попладне. Во оваа фаза тимот на Европската комисија е тој што држи збор, додека албанскиот и македонскиот тим се во улога на слушатели.
Во петок комесарот Јоханес Хан се очекува да одржи прес-конференција со Бујар Османи и неговиот албански колега, додека на маргините на овој прв скрининг, Рената Дескоска треба да оствари средба со евркомесарката за правда, Вера Јурова.