Телото на брутално претепаната и силувана новинарка беше пронајдено вчера, а бугарските медиуми пренесуваат дека се уште нема притворени ни осомничени.
-Ги истражуваме сите можни верзии, вклучително и таквите поврзани со нејзината работа. Нема да навлегуваме во детали поврзани интимната сфера, но ќе ви ги кажеме информациите кои ги имаме во моментов. Ја утврдивме патеката по која се движела, и работите кои недостигаат, мобилниот телефон, клучевите од автомобилот, очилата за гледање и дел од облеката. Работиме да го откриеме сторителот, истакна Георги Георгиев – Јавен обвинител на Русе.
За случајот се огласи и бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој порача дека сторителот ќе биде брзо најден. Убиството на 30 годишната Викторија Маринова беше пријавено од случаен минувач кој го пронашол телото на шеталиштето покрај реката Дунав. Локалните власти изразија загриженост, бидејќи местото на кое е извршено убиството е доста посетувано.
-Русе е град со низок процент на криминални дејства. Ова убиство е без преседан во историјата на Русе, особено по својата жестокост и бруталност, бидејќи е извршено на сред бел ден, во место кое за викенди е доста посетено. Очекувам службите брзо да го најдат сторителот, вели Пламен Стоилов – Градоначалник на Русе.
Осуда за убиството на бугарската новинарка стигна и од меѓународната заедница. Би-Би-Си објави дека Маринова е трет најпознат новинар во европската унија, кој е убиен во ЕУ изминатата година. Британски Гардијан пак кој исто така објави за убиството на Маринова, додава дека известувала за наводна корупција поврзана со европските фондови.