Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа Милевска во вечерашното гостување на 1 ТВ рече дека таа не го прифаќа исклучувањето од ВМРО-ДПМНЕ.
-Одлуката ја донесов свесно, совесно и без никаков притисок. Тоа се сериозни обвинувања, повикувам секој кој има докази за такво нешто, да ги достави до обвинителството. Жалосно е да се фрла една таква сенка, за било кој, и за мене, бидејќи одлуката јас сум ја разговарала и со пратениците и со Мицкоски. Од што да се амнестирам? Јас имам еден предмет од СЈО и си одам на сите рочишта и никогаш не би го вклучила тој момент во вакво прашање.
Жалосно е да се манипулира со ова прашање. Тие треба да се извинат. Во јавноста се вели дека ВМРО-ДПМНЕ има став по ова прашање. Јас не сум слушнала став. ВМРО-ДПМНЕ не е лична своина на никого. Се создала инфраструктура и треба да бидеме благодарни на секој од нас и на секој член. Мене никој не може да ме исклучи. Јас не го прифаќам тоа исклучување, јас треба да видам документ врз основа на што сум исклучена, што погрешно сум направила. Погрешно сум направила што сум сакала да влезам во амандманска расправа?, вели Канческа Милевска.