Пратеничката Маја Морачанин денеска едносгласно беше избрана за претседателка на ДОМ, на Четвртиот конгрес на партијата, кој се одржа под мотото „Зелени вредности – трајна визија“, а на кој присустуваа 300 делегати.
На Конгресот беше избран новиот состав на Централен и Надзорен одбор на ДОМ.
Морачанин заблагодарувајки се на довербата ја истакна убеденоста дека со тимска работа, преку соработка со граѓанските здруженија и Европските Зелени, ДОМ ќе има успешна иднина.
На Конгресот се обрати и досегашната претседателка Лилјана Поповска, која го искажа задоволството што ДОМ денес, по дванаесет и пол години е стабилна партија која го заокружи целиот циклус од иницијатива преку идеолошко профилирање како зелена партија, до полноправно членство во Европските Зелени.
Им се заблагодари за соработката на колегите и изрази силно уверување за натамошниот напредокот на ДОМ во иднина, зашто има извонредни кадри, искрено посветени на зелените вредности.
На конгресот присуствуваа претставници на Владата, пратеници, претставници од политичките партии од Македонија (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ЛДП, Демократски сојуз, Обединети за Македонија, ВМРО-НП, ПЦЕР, ПОЕН, Демократски сојуз на Власите, Демократски сили на Ромите, Партија на пензионерите, ПЕП 21), од зелените партии од Грција, Бугарија и Србија, претставници од невладиниот сектор и од дипломатскиот кор.
Преку видео порака на присутните на Конгресот им се обрати и копретседателот на Европската зелена партија, Рајнхард Бутикофер.
На Конститутивната седница на Централниот одбор на ДОМ што се одржа по завршување на Конгресот, беа избрани четири потпретседатели на ДОМ, Мирослав Богдановски, Бети Дејанова, Христа Најданов и Ана Петровска. За секретар на ДОМ беше избран Љупчо Јаневски.