Фејсбук страницата „Правда за Никола Груевски“ најавува мирен протест за поддршка пред зградата на Основниот суд Скопје 1 во среда во 19 часот.
„Почитувани граѓани,
Членови на ВМРО-ДПМНЕ,
Македонци и Македонки,
Браќа и сестри,
Цела Македонија е сведок на неправдата која се врши врз поранешниот премиер на Република Македонија Никола Груевски. Експресните постапки со скратени рокови имаат за цел единствено ставање во затвор на Никола Груевски.
За таа цел се повикуваат сите граѓани на Република Македонија на ден 07.11.2018 година (среда) со почеток во 19 часот на МИРЕН ГРАЃАНСКИ ПРОТЕСТ ЗА ПРАВДА ЗА НИКОЛА ГРУЕВСКИ пред зградата на Основниот суд Скопје 1!
Кога неправдата е на сила, непокорот е единствениот пат до правдата“, стои во повикот.
Инаку, за среда е закажана собраниската комисија на која треба да се разгледува одземањето на пратеничкиот мандат на Груевски. Тој денеска во суд ја доби одлуката со која и официјално е информиран дека му е одбиена молбата за одложување на затворската казна. Пред камерите не сакаше да коментира. Сега има право за три дена да поднесе жалба до Кривичниот совет на „скопска едница“, со што се отвора можноста да го пролонгира одењето во затвор, а требаше во четврток да се јави во „Шутка“.