Затруени кучиња скитници во Тетово


Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ денеска обвини дека во Тетово било извршено рутинско чистење на кучињата од градот. Според нивните информации, кучињата биле отруени откако пред неколку денови се појавиле видео снимки на кои групи кучиња шетале низ центарот на Тетово.

– Никој не бил виновен и не одговара што толку бездомни животни има на улиците. Никој не е виновен и нема да одговара што употребил отров кој за пет минути во најстрашни маки може да убие возрасен човек, а камо ли дете. Никој не е виновен и нема да одговара што ги фрлил на улица, веројатно товарени во комбиња, префрлани од една општина во друга. Никој не е виновен и не одговара што се води хајка врз животните – само тие се виновни што се живи во Република Македонија, стои во соопштението од „Анима Мунди“.

Јавното комунално претпријатие-Тетово информира дека по добиената пријава од граѓани нивните екипи ги подигнале телата на умрените кучиња и ги закопале на соодветна локација, согласно прописите. Оттаму посочија дека во последниот месец подигнале четири тела, повторно по пријава на граѓани дека на определено место има починато куче.

Советот на општина Тетово на минатомесечната седница донесе одлука за решавање на проблемот со кучињата скитници. Согласно оваа одлука, кучињата скитници од градот ќе бидат соодветно третирани по различни постапки и згрижени во стационар на улица „Гостиварска“, во објект кај седиштето на „Комунална хигиена“. Според програмата, месечно ќе бидат заловени 20 кучиња за чија цел ќе се одвојуваат 500 илјади денари, пари од буџетот на општина Тетово. Оваа програма треба да почне од 1 декември оваа година.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1