Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски пред заминување од функцијата, набавил ново БМВ вредно над 40.000 евра, објави ТВ 24. Според договорите склучени во петокот, на кои стои потписот на Караџовски, покрај БМВ-то Советот набавил уште едно возило „Опел Астра“ вредно 16.000 евра. За двете возила Судскиот совет ќе потроши вкупно 57.000 евра.
Интересно е што Караџовски е и прв човек на Судскиот буџетски совет, односно со негов потпис се одобрени и парите за набавката на возилата. Најмногу пари или по околу 57.000 евра одобрил, покрај за Судскиот совет каде што е претседател, и за набавката на возила за неговиот колега од Врховниот суд, Јово Вангеловски.
Караџовски за ТВ 24 вели дека БМВ- ето не е луксузен автомобил, туку потреба.
„Не сметам дека е луксузно возило воопшто, тоа е едно репрезентативно возило кое нема да се вози често. Благодарни сме на Владата и на Министерот за финансии што за прв пат во историјата на судовите одобрија средства за возила, и за прв пат е освежен возниот парк на судовите“- изјави Зоран Караџовски, Претседател на Судскиот совет.
Караџовски вели дека сепак тој нема да се вози во БМВ-то, туку неговиот наследник.