Осудениот екс премиер, Никола Груевски, од Будимпешта, каде се наоѓа во бегство, ги коментира судските постапки кои се водат во земјава за него и за актуелниот премиер, Зоран Заев. Тој вели дека судијата Добрила Кацарска и Апелациониот суд брзаа да го осудат него, додека, според Груевски, ги одолговлекуваат пресудите за Заев во случајот „Поткуп“.
„Најверојатно апелациските судии и Кацарска во Основниот суд претходно брзаа да го решат предметот ,,Тенк“ за да не ме држат во неизвесност и во исчекување. Тоа е преголема почит, да ми помогнат, од љубов, хуманост и човекољубие…
А ова што го развлекуваат за Заев по година, две и повеќе е за да го измачуваат. Да види тој како е година две да не ти го решаваат предметот, па дури потоа да те ослободат.
Интегритет покажуваат. Не го фермаат. Го ослободуваат и чао, кој го прашува, не му се плашат!
Сега после избори, или ако сакаат уште малку да го мачат можеби и подоцна, кога ќе му „треснат“ на Заев една ослободителна пресуда на маса овие од апелација, ќе ја засенат и Кацарска…
Па изнервиран тој од нив, кога ќе фати да ги унапредува, има лом да биде…“, напиша Груевски во својот последен фејсбук статус.