Неименуван 48-годишен маж од Крањ, кој синоќа киднапираше автобус во Љубљана по приведувањето починал во полициската станица и покрај обидите за реанимација.
Словенечката полиција соопшти дека тој киднапирал автобус од јавниот превоз и под закана со остар предмет го принудил да сврти од редовната линија, но откако бил приведен, изгубил свест и починал.
Словенечките медиуми информираа дека напаѓачот со шрафцигер му се заканувал на возачот да сврти кон обиколница, по што возачот го послушал, но минал на црвено светло за да ја алармира полицијата. Исто така, една од патничките успеала да ја извести полицијата. Потоа интервенирале повеќе полициски патроли кои го запреле киднапираниот автобус на влезот на автопат.
-Полицајците со користење принудни средства (лисици, физичка сила, стручен зафат и бибер-спреј) го совладале мажот и го ставиле под контрола надвор од автобусот. Во постапката по приведувањето, мажот почнал да се задушува. Полицајците почнале да му даваат прва помош, со што потоа продолжил и медицински тим од Брзата помош, обидувајќи се да го реанимираат. Но и покрај тоа, тој почина – се наведува во полициското соопштение.
Медиумите посочуваат дека киднаперот по влегувањето во возилото се однесувал чудно и оти е можно да бил под влијание на дрога.