Зекири: Сулејман Реџепи е срам за сите, мора да одговара за ширење говор на омраза


Мухамед Зекири, пратеник на СДСМ реагира на Фејсбук во врска со навредите што ги искажа поглаварот на ИВЗ Сулејман Реџепи за македонскиот народ.

„Го читав утринава Сашо Орданоски за Резилот на Реисот и го разбирам што бил крајно внимателен при изборот на зборови што ги користел во неговата колумна. Но, драг Сашо, за ваков „човек” каков што е Резил улема Сулејман Реџепи не е потребно да сте толку внимателен оти тој не заслужува никакво внимание, ниту почит од никого во нашава земја, вклучително и муслиманските верници кои за жал тој криминалец и нечовек и натаму ги претставува.

Мене ми е драго што веќе нема потреба толку многу да се вложувам и докажувам кој и каков е во суштина Резил улема Сулејман Реџепи. Сега веќе на цела македонска јавност и е јасно за каков „човек” станува збор.

И како новинар и како пратеник секогаш сум посочувал на криминалите и нехуманото однесување на овој „човек” и ќе продолжам тоа да го правам затоа што тој е СРАМ прво за сите припадници на исламската заедница во Република Северна Македонија, а потоа и за цела држава.

Резил улема Сулејман Реџепи позицијата поглавар на ИВЗ ја има узурпирано со калашникови, со закани и сеење страв, нешто што безброј пати до сега сум го посочил. Повеќе од 10 години трае неговото самоволие во таа институција. Иако е најповикан да постапува во склад со тоа на што нè учи ИСЛАМОТ, имено да биде праведен и да ги почитува различностите, тој го прави токму спротивното.

Тоа што тој го прави со години, мене искрено не ме зачудува. Прво им се чудам на имамите и членовите на највисоките тела на ИВЗ кои продолжуваат да замижуваат на сето она што овој „човек” го прави, и натаму молчат како кукавици и се се плашат од овој „човек”.

Почитувани имами, охрабрете се, не молчете, СРАМОТА е тоа да го правите и со вашиот молк да ги одобрувате постапките на Резил улема Сулејман Реџепи.

СРАМОТА е пред верниците, а пред сè пред Алах (Бога) да го одобрувате тоа што не го одобрува верата на која припаѓате и која ја проповедате пред верниците.

Во светата книга Куран во сурата „Ел Маиде” се вели:

„O, верници бидете праведни кога судите, бидете истрајни во тоа и заради Алах сведочете праведно! И омразата кон еден народ нека не ве натера да бидете неправедни. Праведноста е поблиску до богобојазливоста. Плашете се и од Алах. Алах, навистина, е Известен за она што го работите!”

На крај уште еднаш јавно ќе повикам надлежните институции да продолжат со она што го започнаа, со силната контрола на работата на ИВЗ и останатите верски заедници. Никој не смее да е над законот. Сите сме исти пред законите!!!

П.С. Резил улема Сулејман Реџепи мора да одговара и за ширење говор на омраза. На потег сега е Јавното обвинителство“, пишува Зекири.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1