Дури и оние кои сега, добронамерно се противат, за 10 или помалку години ќе го сфатат значењето на Договорот од Преспа за Грција, рече грчкиот премиер, Алексис Ципрас во интервјуто за грчката телевизија „Антена“.
-Константинос Мицотакис велеше дека за 10 години ова прашање ќе го заборавиме. Јас денес со сигурност можам да ви кажам дека ќе го помниме засекогаш и дека за 10 години, па дури и помалку, дури и оние кои денес, добронамерно не се согласуваат, ќе ја сфатат големата историска вредност и важност на договорот за Грција, рече Ципрас.
Премиерот на Грција, во едночасовното интервју во централните вести на „Антена“, во делот посветен на Договорот од Преспа, говореше и за политичката цена, објаснувајќи дека воопшто не размислувал на тоа кога му се дала можноста да се реши спорот со името, напротив, вели дека имал среќа што ја добил можноста и истакнува дека Грција и Северна Македонија се природни сојузници.