Ги добивме заклучоците од Советот за општи работи од Луксембург вчера во кои ја вреднуваат и ја признаваат нашата реформска агенда, но и нашата нова надворешна политика што не трга поглед од проблемите, туку ги решава. Ќе бидеме задоволни кога ќе ја добиеме и одлуката на есен и кога ќе бидеме во организација на првата меѓу владина конференција што сакаме да се одржи во декември оваа година.
Ова го нагласи министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на втората пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во Република Северна Македонија. Посочи дека голем дел од аналитичарите и новинарите кои го пратат овој процес и вон нашата земја, како што рече, велат дека и сега не е многу соодветно да не се поддржи Северна Македонија.
– Убеден сум дека на есен ова ќе биде уште потешко. Пред нас имаме два и пол месеци и треба да се фокусираме на една задача што не ја завршивме докрај, а тоа е иднината на СЈО преку донесување на двотретинскиот закон за јавно обивнителство. Тоа ќе ни помогне да нема никакво оправдување за ниту една земја членка во септември-октомври годинава, рече министерот Димитров.
Според министерот за надворешни работи на Република Словачка Мирослав Лајчак има уште многу на патот, но Северна Македонија, истакна, постигна многу.
– Јас сум оптимист за позитивниот развој и отвореноста на пристпаните преговори во октомври, рече меѓу другото министерот Лајчак. Тој подвлече дека Словачка ќе продлжи да ја поддржува нашата земја на патот кон ЕУ бидејќи и покрај предизвиците ЕУ, оцени, е најдобрата алтернатива за оваа земја и за овој регион. ЕУ, според Лајчак, нема да биде целосна без Западен Балкан.
Се надевавме за повеќе, рече вицепремиерот Бујар Османи посочувајќи дека и добиените заклучоци се позитивни. Важно е, подвлече, дека ЕУ силно се поврзува со октомври годинава, а тоа е подршка за нас да продолжиме на овој пат.
– Нема простор за емоции, мора да останеме разумни и свесни, нема време за фрустрации. Мора да ја задржиме енергијата за напорната работа и реформите што не очекуваат. Нема потреба за политичка борба за стратешките заеднички цели. Време е да работиме заедно, иднината не може да се подели на наша и ваша, им припаѓа на сите, истакна вицепремиерот Османи.
Северна Македонија е добар пример во Западен Балкан, постигна одлични резултати, нагласи во обраќањето Османи додавајќи дека ништо не е дадено бадијала.
– Секој збор, секоја запирка и точка во извештајот е заслужен и е резултат на напорна работа и посветеност во изминатите години. Сме ги постигнале сите наши ветувања. Имаше многу емотивни и тешки одлуки. Не беше лесно, ниту пак сите беа еднакво задоволни. Но, ние сме единствена земја во регионот која нема отворени прашања со соседите, рече вицепремиерот Бујар Османи и додаде дека ЕУ е обединувачки фактор во целата земја.