Коста Петров: Немањето искуство во политиката го сметам за адут


На Централниот одбор на СДСМ избрани се пет потпретседатели на партијата: Мила Царовска, Коста Петров,Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зеќири, соопшти вечерва по ЦО претседателот на партијата и премиер Зоран Заев. Коста Петров се огласи по повод новата функција во СДСМ, потпретседател на партијата.

Некои одлуки во животот се носат брзо, за некои пак ни треба долго време да донесеме некаков став. Одлуката да прифатам да бидам дел од СДСМ како нејзин потпретседател ја донесов со намера да помогнам онаму каде мислам дека можам да придонесам со моето знаење и капацитет. За оние што долго време ме познаваат и со кои сум пријател знаат дека досега сум настрана од сите политички случувања.

Но, не можеме да бидеме исклучени од тоа што се случува околу нас, едноставно мора да реагираме. Живееме во оваа држава, ја сакаме и мораме некако да ја направиме подобро место за живеење. Наместо да коментирам и да не преземам ништо се одлучив на активен пристап за да помогнам и за придонесам за подобра иднина. Таа иднина ја заслужува моето семејство, моите пријатели, сите ние. Тешка е одлуката да се приклучам во политиката, но тоа што досега немам искуство во политиката го сметам за свој адут, бидејќи точно ја знам мојата цел без никакви политички калкулации.

Оваа држава мора да застане на цврсти нозе, оваа држава е пример за мултиетничко општество, пример за вредни и искрени луѓе, пример за тоа како и во најтешките моменти наоѓаме некоја искра на надеж. Како што самиот Петре М. Андреевски кажа ние сме како пиреј, како народ што не може да се уништи, ние сме народ што опстојал и ќе опстојува и ќе напредува.

Верувам дека со мојот ангажман ќе придонесам младите да останат во државава, дека со мојот пример за млад претприемач и моите контакти и искуство ќе помогнам на многу млади луѓе. Верувам дека мојот глас ќе биде гласот на тие млади луѓе кои ќе останат во државата и ќе направат промени, бидејќи нашата генерација допрва доаѓа. Се надевам на поддршка и тука сум во секое време за критики, сугестии и секако свесен сум за тежината на оваа функција и знам дека нема да ве разочарам, вели тој на неговиот фејсбук-статус.

Петров е сопственик на агенцијата „Пи ворлд“ која организира настани во голем број на држави, конференции, а е автор на неколку книги кои се бестселери.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1