Поддршка за полноправно членство во НАТО, како и асистенција во борбата против криминалот и корупцијата – испорача американскиот државен секретар за време на неколкучасовната посета на Македонија. По средбите со државниот врв во Охрид, Мајк Помпео уверуваше дека американскиот Сенат наскоро ќе го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО. Истовремено, првиот американски дипломат повика на засилен отпор на руските и кинеските влијанија. Го поздрави Преспанскиот и Договорот со Бугарија.
Ги поздравуваме чекорите што ги презеде вашата Влада за борба против корупцијата и поттикнување на поголема отчетност за секој што ја злоупотребил јавната доверба. Борбата против корупцијата е критична за започнување преговори со ЕУ и членството во НАТО, но уште поважно за вашите граѓани. Една силна демократија мора да понесе одговорност за загриженоста на јавноста и да преземе повеќе чекори за да се спротивстави и да се заштити од штетните влијанија. Срцата и умовите на граѓаните на Северна Македонија треба да ја водат вашата земја напред, а не руското влијание во социјалните медиуми. Исто така, ве предупредувам на ризикот од кинеските инвестиции во технологијата и нивната стратегија за обезбедување инфраструктурни договори“-изјави Мајкл Помпео, државен секретар на САД.
На заедничката прес-конференција со државниот секретар, премиерот изјави дека земјата е подготвена да преземе обврски што произлегуваат од целосното членство во НАТО. Заев очекува добра вест и од ЕУ.
“Посетата на американскиот државен секретар Мајкл Пемпео на Охрид беше проследена со строги безбедносни мерки, засилено полициско присуство и специјален режим на движење. Ова е втора посета на државен секретар на САД на земјата по посетата на Колин Пауел во 2001 година, во периодот на конфликтот.”
Турнеата на посети на Помпео почна во Италија, продолжи во Црна Гора, денеска беше во земјава и замина за Грција. Оваа посета се совпаѓа со одбележувањето на 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Соединетите американски држави и Северна Македонија.