КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ПРОТИВ „МЕЃУНАРОДНИОТ СОЈУЗ“, „ТОМАТО ПРОДУКЦИЈА“ И „БМЈ ГРУП“


Управата за јавни приходи подготви кривични пријави за Меѓународниот сојуз, БМЈ медиа груп и Томато продукција , каде беше сместена телевизијата 1тв за даночно затајување за сума повисока од 20 милиони денари.

Бојан Јовановски, кој е првоосомничен за случајот „Рекет“ ќе добие и кривична пријава од УЈП за затајување на данок. Кривична пријава даночните инспектори ќе поднесат и за неговиот татко, за Јасна Мандиќ

Даночниците вчера го посетиле Бојан Јовановски во Шутка, но тој одбил да ги потпише нивните наоди, со образложение дека дал оставка во Меѓународниот сојуз. Пред УЈП се појавило и лице кое се претставило како нов сопственик на телевизијата и имал намера да ги врати сите долгови. Но ваквата промена, велат од УЈП, не била заверена на нотар ниту била запишан во Централниот регистар.

Додека Јовановски е во притвор неговата телевизија му продала трпезариски маси, кујни, телевизори, фотљи и друга опрема, која се уште не е платена. Телевизијата плаќала за хотели и авионски билети и скапи подароци за лица кои не биле вработени таму. Но сепак овие наоди не се доволни за поднесување кривична пријава за телевизијата, велат од УЈП.

Таткото на Бојан Јовановски добил позјамица од БМЈ медија груп во милионски суми, кои никогаш не ги вратил, а фирмата ги избришала од евиденција. Јасна Мандиќ добила дивиденда, исто така во милиони денари од 1ТВ. Намерата за неприкажување на приходи, а со тоа и помалку пари за даноци била констатирана кај сите фирми, но и кај физичките лица.

Во двете контроли кои биле направени во Меѓународниот сојуз утврдено било дека таму воопшто не се водела сметководствена евиденција , а не била приложена ниту веродостојна документација за ваучери за донации дадени на социјално загрозени семејства. Од УЈП информираат дека парите од склучените договори за изградба на комплекси за стари лица кои биле склучени со фирмите ДРИМ БИЛДИНГ и Пелистер преку Македонската авторска агенција воопшто не легнале на сметка на Меѓународниот сојуз , туку им биле уплатени на пензионерката Лилјана Тодоровска, како носител и Јасна Мандиќ како координатор на проектот..

„Томато продукција“ се товари за неплатен ДДВ и персонален данок при изградба на студијата што ги користеше 1ТВ, како и за прикажување на помали приходи во нивната работа. Наодите кај оваа продукција немаат никаква поврзаност со случајот Рекет и шемата на Бојан Јовановски.

Според УЈП, не се чисти ниту промоциите за концертите на Марија Шерифовиќ и Северина, односно иако биле евидентирани како приходи, за нив не е платен данок.

Од УЈП велат дека истрагата продолжува и кон друга компанија, која на некој начин била поврзана со Бојан Јовановски, но засега не се откриваат детали.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1