Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев денеска на пладне ја започна еднодневната официјална посета на Белград, за време на која со претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ ќе разговара за билатералните трговски, економски и културно-хуманитарни односи, како и за Косово. Повод за посетата на Белград е одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Белград.
По пристигнувањето, Медведев заедно со Вучиќ, на воениот аеродром во Батајница, присуствуваа на демонстрација на способностите на српската армија „Слобода 2019″.
Медведев попладнево ќе има билатерални средби со претседателот на Србија и премиерката Брнабиќ, по што е предвидено потпишување на повеќе документи и договори.
Во пресрет на посетата на Белград, Медведев за „Вечерње новости” изјави дека Русија ги гледа тековните процеси и притисоците на Приштина, како што рече, „особено што, колку што разбира, таму на власт дошле ултранационалисти, поради што е неопходно внимателно да се следи што се случува, бидејќи очигледно е дека Балканот и понатаму останува турбулентен регион”.
– Во никој случај не треба да дозволиме повторување на какви било манифестации на насилство, обиди за еднострано прекројување на мапата на Балканот или која било друга акција што може да резултира во хуманитарна катастрофа, кажа Медведев.
Русија претпоставува дека како основа за разгледување и решавање на сите прашања треба да се земе меѓународното право, а не едностраните акти, изјави Медведев, додавајќи дека првенствено тоа е Резолуција 1244 на ОН.
Во пресрет на посетата на рускиот премиер, се огласи и високиот руски функционер Сергеј Прихотко кој за руската агенција Тасс изјави дека формирањето слободна трговска зона помеѓу Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) и Србија, која ќе биде потпишана во Москва на 25 октомври, не ги загрозува интересите на Европската унија.
– Договорот за слободна трговија меѓу ЕАЕУ и Србија не ги загрозува интересите на трети страни, вклучително и членките на ЕУ. Според официјалните документи на ЕУ, земјите – кандидатки за членство можат да имаат посебни трговски односи со другите земји сè додека не станат членки на ЕУ, изјави Прихотко, додавајќи дека „за Русија, што се однесува до односите на Србија со ЕУ, е важно нејзиното пристапување во ЕУ да не доведе до намалување на руско-српската соработка.”
Спред него, авиокомпанијата „Ер Србија” е во преговори со руската цивилна авиокомпанија „Сухој” за купување на авионот „Сухој суперџет 100″ (С СЈ 100), како и дека се разговара за формирање центар за ремонт на авионите С СЈ 100 на белградскиот аеродром, како и за набавка на авиони МС-21, што е во подготвителна фаза.
Прихотко рече дека Русија е подготвена да и биде партнер на Србија во изградбата на нуклеарна централа, доколку таа одлучи да покрене програма за нуклеарна енергија.