Осврнувајќи се на одбивањето на ЕУ да одреди датум за почеток на преговорите за членство со Македонија и Албанија, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ги предупредил лидерите на двете земји дека очекувал таков исход, иако тие се надевале на поинаков.
Вучиќ, гостувајќи на ТВ Прва, додаде дека албанскиот премиер Еди Рама му испратил порака велејќи му дека бил во право во врска со односот на Европа кон регионот.
Тој наведе дека „согледал и посочил што ќе се случи со Северна Македонија и со Албанија“ и дека неодамна во Нови Сад тоа им го кажал и на премиерот Зоран Заев и на Рама. Според Вучиќ, Заев се вцрвенил во лицето и не верувал дека земјава нема да добие зелено светло.
– Загрижен сум од можна дестабилизација и ескалација на конфликт во регионот, но ние работиме да не дојде до тоа, изјави српскиот претседател, додавајќи дека прави се за да го спречи тоа, нагласувајќи дека Србија мора да се вооружи „како што тоа го прават сите земји околу“.
Вучиќ оцени дека „иницијативата од Нови Сад со Северна Македонија и Албанија е многу важна за Србија, бидејќи исто така е и мировна и политичка иницијатива, но и економски важна“.
Говорејќи за косовскиот проблем, Вучиќ изјави дека сфатил која е американската. а која е европската идеја за Косово и дека не е среќен поради тоа, додавајќи дека имал „добар разговор“ со пратеникот на Белата куќа, Ричард Гренел.
– Не сум задоволен од исходот како тоа го гледаат Американците, не би коментирал, рече Вучиќ, истакнувајќи дека позицијата на Србија е многу тешка и дека со години се бори да постигне економски напредок и да не се загрози позицијата на земјата. – Успеавме да го вратиме косовското прашање на голема врата кога тоа беше завршено за многумина, додаде Вучиќ.
Тој истакна да „слушал глупости и напади за разграничувањето и дека тие немаат поим што велат“.
– На луѓето им е најлесно е да кажат – ние сме против поделба или разграничување, а кој ни понудил такво нешто? Никој досега не ни понудил разграничување, за жал, затоа што за нив Косово е целосно, независно и точка, рече српскиот претседател.
Во врска со редовните избори кои на пролет наредната година треба да се одржат во Србија, Вучиќ рече дека тие ќе се спроведат во март или април, додавајќи дека точниот датум сè уште не е познат.
– Демократијата е таква што треба да имате избори на секои четири години, а не на секои пет години, на пример, затоа што сте слаби, па изборите не ви одговараат, истакна српскиот претседател нагласувајќи дека би сакал оние кои се залагаат за бојкот, да излезат на избори за да се види точно колкава поддршка имаат кај граѓаните.